ДКСК алармира за бројни недостатоци во правната и административната рамка што ги регулира изборите

Антикорупциска во извештајот укажува на потребата од зајакнување на системите за мониторинг и надзор за обезбедување на поголема транспаретност и отчетност во финансирањето на изборните кампањи

Бројни недостатоци во правната и административната рамка што го регулираат изборниот процес и финансирањето на изборните кампањи констатира Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во посебниот извештај за утврдените состојби во финансирањето на претседателските избори што се одржаа оваа година.  

Илустративна фотографија / Фото: Архива

Извештајот, како што наведуваат оттаму, дава сеопфатен преглед на финансиските аспекти на изборниот процес, особено фокусирајќи се на приходите, расходите и правната рамка поврзана со финансирањето на изборните кампањи.  

Според Антикопруциска, и покрај постоењето на законска регулатива значителни проблеми во нејзината имплементација создаваат ризик од корупција.  

„Ова е особено изразено во несоодветната примена на законските одредби, што води кон зголемен ризик од злоупотреба на средствата. Административните процедури, како што е пријавувањето на донации и трошоци од страна на политичките партии се оценети како премногу комплексни и неефикасни, што доведува до зголемени административни трошоци и одложувања. Потребна е реформа на овие процеси за постигнување поголема ефикасност и намалување на можностите за корупција“,

се наведува во извештајот на ДКСК. 

Дополнително, ДКСК во извештајот укажува на потребата од зајакнување на системите за мониторинг и надзор за обезбедување на поголема транспаретност и отчетност во финансирањето на изборните кампањи.  

Според извештајот на Антикоруциска, од вкупните извори на финансирање на изборната кампања за претседател на државата, во износ од 459 815 831 денари или околу 7,5 милиони евра, 77 отсто се пари од буџетот на државата, поради што ДКСК укажува на потребата истиот да се укине, поради постоење на ризици од корупција. 

Извор: ДКСК

Антикорупциска во извештајот наведува дека Државната изборна комисија (ДИК) има исплатено само 78 проценти од вкупната обврска за платено политичко рекламирање. 

Дополнително постои и низок степен на реализација на законската обврска за доставување на податоци за службените моторни возила со кои располагаат институциите, кои се под 50 проценти. Исто така, отсуствува и нормативно решение за санционирање, што ја намалува можноста за превенција од злоупотреба на службените возила во изборна кампања.

Извор: ДКСК

Антикорупциска во извештајот го нотира и постапувањето со предмети поврзани со овој изборен циклус за претседател на државата. Оттаму информираат дека ДКСК оформила вкупно 65 предмети по пријави за сомнежи за сторени повреди на Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, потоа предмети оформени по сопствена иницијатива, по поднесени пријави, како и приговор поднесен од организатор на изборна кампања. 

„По предметите за претседателските избори, покренавме шест иницијативи за поведување постапка за кривично гонење, како и четири иницијативи пред надлежните органи за поведување на постапка за утврдување на одговорност на службени лица“,

се наведува во извештајот на ДКСК. 

Од Антикорупциска констатирале и дека значително мал број од правните лица кои вршат платено политичко рекламирање доставиле извештаи до ДКСК. Со ова, како што наведуваат оттаму, се нарушува принципот на транспаретност на изборната кампања и се намалува довербата во целокупниот изборен процес, за што не се изречени санкции од страна на надлежните инстутуции.   

Државната комисија за спречување на корупцијата препорачува воведување нови механизми за следење на приходите и расходите, како и реорганизација на административните процеси за поефикасно управување со ресурсите и намалување на можностите за корупција. Извештајот, како што се посочува во него, ја нагласува потребата од реформи и подобрувања кои ќе обезбедат фер и транспарентен изборен процес во иднина. 

- Реклама -