Мицкоски: Рамковниот договор не направи докрај среќен никој од потписниците, но донесе мир

Премиерот оцени дека одредени политички елити долго време го користеле Рамковниот договор и етничките права како прекривка за, како што кажа, своите лични и лукративни интереси и оти договорот за нив бил најдобар и се спроведувал само кога се на власт

Носењето на Охридскиот рамковен договор во тоа време никоја од страните потписнички не ги направи докрај среќни и задоволни но, сепак, го донесе тоа што во тој момент беше најпотребно и најбарано, а тоа е мирот. Од овој аспект, мора да се разбере дека ова е заедничка татковина за сите и дека заедничкиот патриотизам единствено значи градење живот под ист кров на права, но и обврски и борба за подобар живот под исто небо.

Христијан Мицкоски, премиер на РСМ / Фото: Принтскрин

Со овие зборови премиерот Христијан Мицкоски го започна својот говор на денешната свечена владина седница чиј повод за одржување е одбележување на 23-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

„Тоа што сме различни по етничка и по верска припадност не нè прави различни по потребите и приоритетите, а главна потреба и приоритет на сите нас е заедничкиот живот. Имаме исти и заеднички проблеми и затоа треба заеднички да нудиме решенија и да ги решаваме тие проблеми. Но, не можам да кажам дека сите придонесуваат подеднакво во овој процес, а вистинското прашање е зошто е тоа така и кои се мотивите“,

рече премиерот на почетокот на своето обраќање на седницата.

Говорејќи во овој контекст, Мицкоски оцени дека одредени политички елити долго време го користеле Рамковниот договор и етничките права како прекривка за, како што кажа, своите лични и лукративни интереси.

За одредени политички елити, продолжи премиерот, Рамковниот договор е најдобар и се спроведува само кога се на власт, а откако ќе станат опозиција смислуваат критики и креативни решенија на негово надополнување и различно читање на правата и обврските кои произлегуваат од него, притоа заборавајќи ја цената на договорот кој е напишан со многу страдање и жртви од сите страни.

„Кон темата меѓуетнички односи се однесуваат неодговорно зашто најмалку внимание посветуваа на ова, колку што беа предадени и фокусрани кон лични интереси, бизниси и тендери. Ова го користат како платформа за себепромоција, градење на кариери и бизнис коалиции. Наместо градители на меѓуетничките односи стануваат профитери од истите тие прашања и кога зборуваат за европски вредности, знаете дека тогаш ги кршат највеќе. Колку пати сте ги забележале овие луѓе на терен кај реалниот човек да помогнат и да се запознаат со вистинскиот живот. Вистинското прашање колку е денес задоволен обичниот Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Србин, Влав, Бошњак и сите останати граѓани“,

рече Мицкоски во обраќањето.

Премиерот додаде оти Охридскиот рамковен договор е дел од македонските закони и од Уставот, но дека она што останува недовршено и на што треба да се работи се реалните проблеми на граѓаните. Оцени оти патриотизмот не се мери по бројот на развиорени знамиња или на објавени статуси на социјалните мрежи или колку често ќе се зборува за етнички дилеми, туку, како што вели, по тоа колку проблеми ќе се решат и како ќе се подобри животот.

„Јавноста не треба да паѓа во замката на нови и нови бесконечни етнички прашања на партиите кои сега се во опозиција. Тие ја имаа својата шанса и времето го потрошија на лично богатење и наместо да бидат посветени на борбата да победуваат за подобар живот на граѓаните, посилно образование и економија, повеќе пари за граѓаните. Тие одлучија да градат за себе дворци, хациенди, да купуваат трговски центри, да злоупотребуваат се што може да се злоупотреби“,

додаде премиерот.

Во своето обраќање на свечената владина седница премиерот го спомена и бројот на иселени Албанци од земјава во последните 20 години, за што спомена бројка од над 100 илјади. Ако на тоа се додаде и бројот на иселени други граѓани од државата, додаде тој, се доаѓа до дефиницијата што се случуваше во последните две и повеќе децении.

Од оптимизмот во раните деведесетти, рече Мицкоски, денеска се претвораме во земја каде што граѓаните се разочарани од политичките елити. Оцени оти оваа Влада има таа можност да го исправи тоа чувство.

„Ова е наша заедничка татковина и дом кој заедно треба да го градиме, да работиме на довербата едни кон други и сигурен сум дека ќе успееме да направиме повеќе за секој еден човек. Меѓуетничките односи се столб на нашето заедничко општество. Тие не се само правни обврски или политички договори, тие се жив процес кој постојано бара наша посветеност и ангажираност. Влогот во добрите меѓуетнички договори никогаш нема крај. Тоа е како возење велосипед – ако престанете велосипедот ќе застане и патникот ќе падне. За да продолжиме напред мора да продолжиме да ги градиме и јакнеме тие односи, секој ден без прекин. Ова е задача за сите нас“,

рече премиерот кон крајот од својот говор.

Мицкоски го заврши своето обраќање со цитат од Мартин Лутер Кинг – „Неправдата на кое било место е закана за правдата насекаде“ и додаде оти правдата и мирот не може да бидат остварени само со договори на хартија туку преку постојана работа за правата и достоинството на сите луѓе.

- Реклама -