Приведен 29-годишник поради предизвикување шумски пожар во прилепско Канатларци

Во пожарот горела сува трева. Лицето ќе добие соодветна пријава, велат од МВР

архивска фотографија

Полицијата вчеравечер уапсила 29 – годишно лице поради сомнение дека сторил кривично дело предизвикување шумски пожар во прилепското село Канатларци.

Тој е осомничен дека околу 19 часот, кај местото викано Корија, во атарот на Канатларци предизвикал пожар во кој горела сува трева.

Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Прилеп, а повредени лица нема.

„Лицето било задржано во полициска станица и за настанот бил известен јавен обвинител. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава“,

соопшти Министерството за внатрешни работи.

Инаку, утринава од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека низ земјава активни се десет пожари.

Активни се пожарите во Општина Македонски Брод, Пехчево, Новаци, Ресен, четирите пожари на територија на Општина Кичево, пожарот во Општина Пласница и Општина Кочани.

Во пожарите што во моментов се активни горат борова, дабова, букова и мешана шума, како и нискостеблеста вегетација.

- Реклама -