Во Собранието помина ребалансот на буџетот

Со 67 гласови „за“ и 7 „против“ Собранието, пред малку, го усвои ребалансот на буџетот за 2024 година.

На седницата не присуствуваа пратениците на „Европскиот фронт“, коалицијата предводена од ДУИ. Од опозицијата во салата беше забележливо присуството на само тројца пратеници од СДСМ и четворица од Левица. Заедно, тоа се седумте гласа против.

Моментот на гласањето за ребалансот на буџетот за 2024 г.

Со ребалансот растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти.

Во текот на расправата, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, ребалансот го бранеше како обид на новата влада да обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината.

Според неа, со ребалансот се намалуваат несуштински трошења, а се обезбедуваат средства за доспеаните законски обврски и исполнување на владините политики, како и обврските кон кредиторите и кон граѓаните.

„Европскиот фронт“ ја напушти седницата зашто од дневниот ред беше симнат предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во прво читање.

И СДСМ најави дека нема да го поддржи ребалансот зашто според нивните проценки со него не се предвидени пари за раст на платите во ниту еден сектор.

- Реклама -