Вонредно пребројување во Шутка: 10 затвореници недостасувале, 4 се вратиле, 6 сè уште се во бегство

При вонредна контрола вчера, околу 17:45 часот, првично е констатирано дека недостасуваат 10 луѓе. Четворица се вратиле уште за време на прозивката, додека за отсуството на преостанатите шестмина е известена полицијата

Шестмина затвореници од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари сè уште се во бегство, вели за „360 степени“ директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов.

Тој појаснува дека при вонредна контрола вчера, околу 17:45 часот, сите затвореници биле повикани на пребројување, при што првично е констатирано дека недостасуваат 10 луѓе. Четворица се вратиле уште за време на прозивката, додека шестмина сè уште ги нема.

„Шест затвореници сè уште се во бегство. За тоа е известена полицијата“,

вели Пандов.

Новиот директор на затворот, Бобан Утковски, во изјава за ТВ Канал 5, посочи дека затвореници избегале скокајќи преку оградата, а од помош им биле уништенитe возила кои се во самиот двор и кои им послужиле како скала за полесно да ја преминат оградата. Тој ветува отстранување на возилата и поставување специјална ограда.

Темата со бегствата од затворите ја отвори токму новиот директор на Управата за извршување санкции, Пандов, кој уште минатиот месец по вонреден инспекциски надзор во Шутка, кажа дека затворите, генерално, се „хотел-промаја“. Тој обвини за лошо менаџирање, по што дојде до смена на директорите со нови.

Од СДСМ прашуваат кој сега ќе понесе одговорност за актуелните бегства на затворениците.

„Дури десет затвореници избегале од затворот во Шутка. Власта се обиде да ја сокрие информацијата од јавноста, но не успеа во намерата. Неспособноста на владата на ВМРО-ДПМНЕ и кадрите на Мицкоски се евидентни на секој чекор. Каде е сега Пандов да одржи прес-конференција и да каже како се случи да му побегнат 10 затвореници и да понесе одговорност за пропустите“,

велат од СДСМ.

Инаку, затворот во Шутка не е единствениот од каде што бегаат затворениците. Пред неколку дена в.д. директорот на струмичкиот затвор, Зоран Ристов, кажа дека во бегство се 23 затвореници и посочи оти ваквата за него запрепастувачка бројка е резултат на неодговорното работење на претходните раководства.

- Реклама -