Помош за пожарите во близина на Атина ќе испратат и Србија, Романија и Турција

По најтоплата зима досега и долгите периоди со малку или без врнежи, се предвидува дека Грција ќе го забележи најжешкото лето досега. Состојба на тревога за пожари ќе продолжи барем до четврток, до кога се најавуваат температури до 40 степени

Жена и пожарникар проверуваат изгорена куќа во Дионисос, северна Атика / фото: EPA-EFE/GEORGE VITSARAS

По Франција, Чешка и Италија, позитивно на барањето на Грција за помош за гаснењето на пожарите во областа Атика упатено преку Европскиот механизам за цивилна заштита, одговориле и Србија, Романија и Турција, кои испраќаат противпожарни сили, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција, вечерва соопштија дека „се зголемува бројот на земји кои одговараат на грчкото барање преку Европскиот механизам за цивилна заштита (UCPM) да пружат помош во справувањето со шумските пожари во Атика“. 

Поконкретно, воздушни средства испраќаат: Турција, два противпожарни авиони тип „Tractors“ и Србија еден хеликоптер од типот „Kamov“, додека, пак, копнените сили ќе пристигнат од Франција (200 лица, со 28 цистерни), од Романија, која испраќа 44 лица со четири цистерни, како и од Србија 35 лица со десет возила.

Ситуацијата со пожарот во североисточниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина и понатаму е критична, а огнените јазици кои брзо се шират поради ветерот, сè уште не се ставени под контрола.

По најтоплата зима досега и долгите периоди со малку или без врнежи, се предвидува дека Грција ќе го забележи најжешкото лето досега. Состојба на тревога за пожари ќе продолжи барем до четврток, до кога се најавуваат температури до 40 степени.

- Реклама -