Таравари: Работиме на проширување на „Мој термин“ или евентуално нова дигитализација

Тој додаде дека веќе се разговарало и за користење на телемедицината, односно, како што појасни, за одредени прашања пациентот да не мора да оти на клиника, туку да може да има одреден период кога лекарот би му давал консултации од дистанца, а потоа ако има потреба би го повикал пациентот и физички да го прегледа

Министерот за здравство, во одговор на новинарски прашања, рече дека денеска најверојатно ќе биде распишан нов тендер за набавка на компресорски станици за хируршките сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“

Министерот за здравство Арбен Таравари соопшти дека се работи на проширување на „Мој термин“ или евентуално нова дигитализација. За тоа која ќе биде дефинитивната одлука, министерот рече дека дополнително ќе се носи одлука откако ќе се разгледаат најдобрите можни опции.

Министерот за здравство Арбен Таравари одговара на новинарски прашања за време на денешната посета на Универзитетскиот институт за радиологија / Фото: Принтскрин

Според Таравари, кој денеска беше во посета на реновираните простории во Институтот за радиологија, рече дека во Македонија дефинитивно е потребно сите здравствени установи да бидат во еден ист систем.

„Значи, и приватни и јавни здравствени установи, меѓутоа и фармација и сите други институции коишто се поврзани со здравството, тука мислам и на Фондот за здравство. Така што ќе видиме, ќе разгледаме најдобри можни опции“,

изјави Таравари одговарајќи на новинарски прашања.

Говорејќи во таа насока, тој додаде дека веќе се разговарало и за користење на телемедицината. Како што појасни, станува збор за консултации од дистанца.

„За одредени прашања пациентот не мора да доаѓа на клиника туку може да има одреден период кога докторот дава консултации од дистанца, а ако има потреба потоа би го повикал пациентот и физички да го прегледа“,

појасни министерот за здравство.

Директорката на Универзитетскиот институт за радиологија Соња Николова, исто така одговарајќи на новинарско прашање, рече дека тие како институција испратиле неколку дописи до „Мој термин“ поради проблемот што настанал особено со, како што кажа, итните пациенти кои доаѓаат од Ургентниот центар.

„Значи, немаме можност да влегуваме во систем и да гледаме како се тие упатени, кој  е проблемот заради кој доаѓаат за да им се изврши одредена дијагностичка процедура. Се надеваме дека ‘Мој термин’ ќе покаже слух за овој проблем, затоа што верувајте дека за да се даде една дијагноза и тоа како ни се потребни информациите кои доаѓаат од надвор, дали е тоа лабораторија, дали е тоа клинички преглед, дали се тоа други дополнителни иследувања“,

рече Николова.

Директорката на Институтот за радиологија Соња Николова / Фото: Принтскрин

Министерот за здравство, во одговор на новинарски прашања, рече дека денеска најверојатно ќе биде распишан нов тендер за набавка на компресорски станици за хируршките сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

За потсетување, централниот систем за кислород и компримиран воздух во хируршките сали во Клиничкиот центар е надвор од функција од 18 мај поради непријатниот мирис кој се ширел од него. Веќе на 1 јуни беше распишан тендер од страна на Министерството за здравство за набавка на нова компресорска станица, но тој пропадна бидејќи до адресата на Министерството не пристигна ниту една понуда.

Во однос на проширувањето на позитивната листа на лекови, министерот за здравство уверува дека процесот не е заглавен, туку дека се чека да се формира управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ).

„Не е заглавен воопшто. Со директорот на Фондот за здравство сме во редовна комуникација, чекаме да се формира управен одбор на Фондот за здравство. На првиот состанок на управниот одбор ќе бидат поминати деветте лека што се веќе испратени од Министерството за здравство, а штом поминат таму јас ќе ги потпишам истиот ден“,

рече Таравари.

- Реклама -