Во Македонија има десет активни пожари – во Пехчево изгоре џип на локалната самоуправа

Во овој момент сме многу слаби со воздухоплови и ќе треба повторно да се потпреме на правење на противпожарни пресеки, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов

Вкупно десет пожари се активни на територија на Македонија во текот на денешниот ден. Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, информира дека и по три недели од неговото избувнување, пожарот кај „Јасен“ се уште не може да се стави под контрола. Денеска, вели Ангелов, се појави нов пожар во Пехчево, што предизвика паника кај граѓаните. Ангелов изјави дека овој пожар е тежок за гасење и оти во него изгорел и еден џип на локалната самоуправа.

„Пожарот во Јасен не можеме да го ставиме под контрола, се уште се движи низ ловиштето, додека вториот крак се движи во насока на селото Белица иако силно се обидуваме да го стопираме пред самото село“,

кажа Ангелов.

Тежок пожар има и кај Галичица, кој се спушта кон Стење на тешко пристапен терен и постои опасност да навлезе во шума. Дополнително, активен пожар има и во Новаци каде што гори ниска вегетација, а во Кичево има два тешки пожари кои предизвикуваат паника кај населението.

„Првиот е кај селото Патеец, кој беснее од вчерашниот ден и минува низ борова, но и низ букова шума, рече Ангелов. Повторно се активирал и пожарот кај село Челопеци и се движи кон Бигор Доленци и гори мешана шума“,

информира директорот на ЦУК.

Во Ресен била запалена градската депонија, а пожари има и во Чашка и Чучер Сандево кај селото Блаце.

- Реклама -