Скептичен сум дека може да се постигне поинаков компромис со Бугарија, вели евроамбасадорот Дејвид Гир

Договорот од јули 2020 година нуди пат и овозможува отворање на приемен процес, но новата Влада стави до знаење дека не е среќна со тој договор и оти верува дека може да репреговара нешто поинакво, вели Гир

Амбасадорот на Европската унија во земјава, Дејвид Гир, во гостување на тема на денот на ТВ Сител изјави дека лично е скептичен дека може да се дојде до подобар компромис со Бугарија, оти разликите со нашиот источен сосед за тоа како да се продолжи со пристапниот процес беа надминати со договорот од јули 2020 година кој нуди пат напред и овозможува отворање на прием, но новата Влада јасно ставила до знаење дека не е среќна со ова решение и оти верува дека може да репреговара нешто поинакво.

„Ги следев преговорите одблизу од есента 2020 до јули 2022. Тоа беше тежок процес. Компромиси беа направени од двете страни и мое лично мислење е дека она што се постигна на крајот беше компромис, не совршен но беше најдобриот што можеше да се постигне во тоа време. Јас сум доста скептичен околу можноста да се дојде до нешто подобро од она веќе е постигнато. Секако дека останува до Владата да се обиде и важно е да се седне со Бугарија во соодветно време но, како што кажав имајќи го предвид моето искуство и она што беше добиено досега, скептичен сум околу можноста“,

рече Гир.

Според Гир, клучот за пристапување во Европската унија се реформите, а вели, доколку владата сака да ги почне разговорите со Бугарија, ќе може да го направи во секој момент бидејќи после изборите во земјата ќе има политички авторитети со кои би можело да се разговара.

„Не сте „заглавени“ бидејќи клучот за пристапување во ЕУ се реформите. И ништо не ја запира Владата да спроведува реформи. Впрочем, Владата има многу силно мнозинство, мнозинство кое ниту една влада во доскорешниот прериод го немала и затоа тие можат да пристапат кон реформи кои ги наведоа во својата програма. Многу од нив се конзистентни со пристапниот процес. Мислам дека сега е време за енергичен пристап кон реформите. И за ова разговараме и со министрите исто така“,  

изјави Гир.

- Реклама -