Борел по нападот на Израел на училиште во Газа: Нема оправдување за таков масакр

Борел изјави дека прекинот на огнот е единствениот начин да се запре убивањето на цивилите и да се обезбеди ослободување на заложниците

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел изјави дека е згрозен откако денеска во израелски воздушен напад беше погодено училиште во кое се засолниле жители, а палестинските власти тврдат дека до 100 луѓе биле убиени во нападот.

„Најмалку 10 училишта беа цел на напад минатата недела. Нема оправдување за овие масакри. Згрозени сме од ужасниот вкупен број жртви“,

напиша Борел на социјалната мрежа Икс додавајќи дека повеќе од 40 000 Палестинци биле убиени од почетокот на војната во октомври.

Палестинското Министерство за здравство, управувано од милитантната исламистичка група Хамас, проценува дека бројот на загинати во Газа е над 39 600.

Овој број не може да се потврди независно и не прави разлика помеѓу цивили и борци. Израел во повеќе наврати изјави дека напаѓа такви објекти бидејќи неговите разузнавачки служби откриле дека оперативци на Хамас се кријат таму и користат цивили како штит.

Борел изјави дека прекинот на огнот е единствениот начин да се запре убивањето цивили и да се обезбеди ослободување на заложниците.

Тој, исто така, ја искористи објавата за да го осуди израелскиот екстремно десничарски министер за финансии Безалел Смотрич, кој во четвртокот лобираше против прекинот на огнот и му порача на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да не падне во „опасна замка“ со договорот за прекин на огнот.

Борел ги осуди коментарите на Смотрич велејќи дека тие се против интересите на израелскиот народ.

Повеќе од сто Палестинци загинаа, а десетици се ранети во израелски напад врз училиште во Појасот Газа, изјавија палестинските власти во областа. Агенцијата за цивилна одбрана на Газа соопшти дека училиштето „Ал-Табин“ било погодено од три израелски ракети при што некои тела се запалиле.

Според неофицијални информации, во моментот на нападот во училиштето имало 250 цивили. Спасувачките тимови не биле во можност да им помогнат на заробените од огнот оти претходно израелската војска го прекинала пристапот до вода во областа. Поголем број од загинатите биле убиени во салата за молитва во училиштето, а загинати има и во блиските училници кои биле погодени од шрапнели од бомбите.

Израелската армија, пак, информира дека нападнале командно-контролен центар кој служел како засолниште за терористите и командантите на Хамас.

- Реклама -