Ангелов: Од вкупно 12 пожари на отворено, пет сѐ уште се активни

„Денеска, од Контролата на летање добивме пријави за два нови пожара од кои првиот е во близина на светиниколското село Орле каде итно се испратени сили од земја и верувам дека локалните пожарникари брзо ќе го совладаат. Нов пожар има и на планината Сува Гора спроти селото Ласкарци“, информира Ангелов

Од вкупно 12 пожари на отворено, четири се целосно изгаснати, три се ставени под контрола, додека пет се уште се активни, информира денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

„Акцентот повторно беше ставен на гаснење на големиот пожар на територијата на Македонски Брод врз кој дејствуваме повеќе од 20 дена. Денеска овој пожар се одвива во три карака. Првиот крак е во насока на рибникот Белица каде дејствуваме со два ер-трактора и со сили од земја. Вториот крак се движи во насока на викенд населбата Козјак, но овој крак веќе без малку е изгаснат, а направен е и противпожарен појас над викенд населбата кој нема да му дозволи на огнот да ги зафати куќите“,

изјави Ангелов.

Тој информира дека вчера, во договор со унгарскиот противпожарен тим, бил направен контра пожар на противпожарниот појас за да не може огнот преку тревата да премине кон викенд куќите.

„Третиот крак од овој пожар е оној што навлезе кон ловиштето Јасен. Тој е се уште активен и на него делуваме со два ертрактора. Во текот на денот повторно ќе продолжиме да делуваме со двата ертрактора кои во моментов се на пауза“,

посочи Ангелов.

На територијата на Македонски Брод, како што кажа, има пожар и кај селото Пласница каде делуваат двата кипарски „ертрактори“.

Активен денеска е и пожарот на планината Галичица кој се движи од врвот Магаро кон населбата Стење. И тука, како што соопшти Ангелов, се дејствува со два „ертрактора“.

„Денеска, од Контролата на летање добивме пријави за два нови пожара од кои првиот е во близина на светиниколското село Орле каде итно се испратени сили од земја и верувам дека локалните пожарникари брзо ќе го совладаат. Нов пожар има и на планината Сува Гора спроти селото Ласкарци“,

појасни Ангелов.

Тој додаде дека на располагање во моментов има само четири странски „ертрактори“ од кои два германски и два кипарски.

„Словенечкиот хеликоптер кој стигна денеска ќе биде оперативен од утре. Утре од земјава си заминува и унгарскиот тим од 46 пожарникари со специјални возила кој цело време интервенираше во регионот на Македонски Брод“,

прецизира Ангелов.

- Реклама -