Именувањето на Вервизоли беше повлечено уште пред неколку денови, велат од „Вреди“

Оваа одлука е направена со цел да се осигура дека сите строги стандарди и барања на Европската Унија, се вели во соопштението

Коалицијата „Вреди“ уште пред неколку дена го повлекло именувањето на Афрона Вервизоли како ревизорка на ИПА фондовите, се вели во партиското соопштение на коалицијата, набрзо откако од Владата пристигна информација дека Вервизоли уште утре ќе биде разрешена од позицијата.

Од „Вреди“ велат дека иако таа има одлично CV и значително професионално искуство, донеле одлука таа да биде привремено заменета со друг кадар од нивните редови, а оваа одлука е направена за да се осигура дека сите строги стандарди и барања на Брисел ќе бидат исполнети во целост, додека Вервизоли не ја заврши својата обврска со добивање на сертификатот.

„Коалицијата ВЛЕН останува посветена на принципите на транспарентност, одговорност и отчетност во управувањето со јавните и европските фондови. Ќе продолжиме да дејствуваме во најдобар интерес на граѓаните, со цел да обезбедиме правилно искористување на ресурсите и да се спречат понатамошни злоупотреби“,

велат оттаму.

Како и во соопштението од Владата, и во соопштението на „Вреди“ се нотира дека од клуча важност треба да биде посветувањето на внимание на истражување и откривање на злоупотребите на средствата од ЕУ кои се случувале во минатото. Дополнително, велат, овие злоупотреби не само што се оставиле траги во документацијата, туку и предизвикале Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) да побара враќање на неколку милиони евра од страна на државата.

Претходно денеска, од владиниот кабинет пристигна информација дека Афрона Вервизоли ќе биде разрешена уште во текот на утрешниот ден.

Од Влада велат дека покрај нејзиното разрешување, ќе има и одговорност за злоупотребите на ИПА фондовите во минатото и дека пренасочувањето на вниманието кон други теми ќе го толкуваат како бегство од одговорност за ваквите злоупотреби.

„Посочуваме дека е потребно и вниманието да се насочи кон отворените ,лоупотреби на парите од ЕУ и фондовите ставени на располагање кои беа присутни во изминатиов период а за кој постои и пишан траг и нотификација од Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) кои поради таквото работење побаруваат од државата исплата на неколку милиони евра“,

велат од владиниот кабинет.

Ова доаѓа откако ДКСК отвори предмет по анонимна пријава во која било наведено дека новоназначената главна ревизорка на Ревизијата на претпристапната помош на ИПА фондовите, Афрона Вервизоли нема соодветни квалификации за таа позиција, а дел од медиумите и партиите објавија и дека овој случај предизвикал интерес и кај делагацијата на ЕУ во земјава од каде посочиле дека сите функционери треба да бидат поставени законски и со исполнети критериуми за вршење на функцијата.

Инаку, за потсетување, овој случај не е прв каде што функционер кој бил назначен на одредена функција бил експресно отстранет во мандатот на оваа владејачка коалиција. Пред половина месец, Владата за в.д. заменик на „Идризово“ го постави Ибрахим Ељези, а откако следуваше реакција од СДСМ дека ова лице издржувало 4 годишна затворска казна за недозволена трговија со дрога, неговото име за само еден ден исчезна од владиното соопштение, по што Владата побара од СДСМ да не шири дезинформации.

- Реклама -