Стојаноски обвинува за криминал во РЕК „Битола“ направен од раководството во заминување

Се поставува прашањето каде завршиле над 90 милиони денари, т.е. над 1,5 милиони евра? Дали ова се пари со кои треба да се финансира СДС од опозиција? СДС да каже каде е разликата од над 90 милиони, рече пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на прес-конференција во партиското седиште обвини дека раководството во заминување на ЕСМ и РЕК „Битола“ во период од еден месец распишало десетина тендери, за кои според него очигледно има индиции за криминал и корупција.

Тој вели дека раководството на ЕСМ склучило договор со „Марковски компани“ на 8 мај минатата година за ремонтни активности по цена од 1 516 денар од час, за потоа на 17 јули годинава да се ангажира истата компанија, но овој пат за двојно поголема саатнина – 3 947 денари.

„За една година за случен вид на активности РЕК ‘Битола’ ѝ плаќа на ‘Марковски компани’ 2,5 пати повеќе за час извршена работа. Важно е да се разбере дека ‘Марковски компани’ и во 2023 година не работела со загуба на тендерот, туку имала заработувачка. Па оттука се поставува прашањето каде завршила разликата во цена од 2,5 пати?“,

вели Стојаноски.

Дополнително, вели Стојаноски, овој случај станува уште пофрапантен кога ќе се погледне вкупната цена на тендерот од минатата година кој изнесувал 14,7 милиони денари споредено со тендерот за оваа година кој изнесува 208 милиони денари. Затоа вели дека овие податоци се доволни за Јавното обвинителство да ги спореди двата договора и да покрене истрага, а доколку тоа не е случај, рече дека и тие стануваат соучесници во овој криминал.

„Овој случај станува уште пофрапантен кога ќе се земе вкупната цена на тендерот од 2023 година, кој е 14.7 милиони денари и вредноста на тендерот од 2024 година кој е 208 милиони денари. Логички се поставува прашањето каде завршиле над 90 милиони денари, т.е. над 1.5 милиони евра? Дали ова се пари со кои треба да се финансира СДС од опозиција? СДС да каже каде е разликата од над 90 милиони?“,

заклучува Стојаноски.

- Реклама -