Тошковски: Вандализмот врз спомен плочата кај „Карпалак“ е директен напад врз нашата колективна меморија

Како министер за внатрешни работи, а пред сè како човек, најостро го осудувам вандализмот врз спомен плочата кај „Карпалак“, поставена во чест на загинатите припадници на нашите безбедносни сили во 2001 година, напиша вечерва министерот Панче Тошковски на неговата „Фејсбук“ страница.

– Овој чин е директен напад врз нашата колективна меморија и кон оние кои го дадоа својот живот за зачувување на безбедноста и интегритетот на Македонија. Сакам да потенцирам дека ваквите дејствија нема да бидат толерирани, а МВР ќе ги преземе сите неопходни мерки за санкционирање на сторителите на овие кукавички дела, сè со цел, заштита на нашите културни и историски вредности, пишува во објавата.

Прочитајте и:  МО: Оштетена спомен плочата на загинатите бранители кај „Карпалак“, случајот пријавен во МВР

Денеска во 11.05 часот во СВР – Тетово било пријавено дека е оштетена спомен плочата поставена кај „Карпалак“.

Случајот го осудија и од Министерството за одбрана, од каде нагласија дека се преземаат активности за поставување нова спомен плоча, најбрзо што може.

- Реклама -