Запален автомобилот на Драги Митковски-Книга, кој важеше за најблизок соработник на Данела Арсовска

Во интервју за „360 степени“, во февруари годинава, Арсовска кажа дека Митковски е пријател на нејзиното семејство повеќе од 20 години. За неговата улога во Град Скопје, Арсовска тогаш не даде прецизен одговор

Рано утринава во скопската општина Ѓорче Петров било запалено возило „мерцедес а класа“, со скопски регистарски таблички и во сопственост на правно лице од Скопје, информира Министерството за внатрешни работи.

Повеќе медиуми јавуваат дека станува збор за автомобилот на Драги Митковски-Книга, доскорешен близок соработник на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, кој на неодамнешните парламентарни избори беше и носител на листа во втората изборна единица како претставник од партијата на Арсовска – Нова Алтернатива.

„Фокус“ пишува дека правното лице на кое гласи опожареното возило е Сметководственото биро „ММ“, чиј управител е токму Митковски.

Од МВР велат дека пожарот делумно зафатил уште две возила.

„На 09.08.2024 во 03.05 часот од Бригадата за противпожарна заштита – Скопје во СВР Скопје е пријавено дека на територија на Општина Ѓорче Петров било опожарено патничко моторно возило ‘мерцедес а класа’ со скопски регистарски таблички, сопственост на правно лице од Скопје. Од пожарот зафатени се и патничко моторно возило ‘хјундаи’ и ‘сузуки свифт’ во делот на браниците и ретровизорот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот”,

соопштуваат оттаму.

Во интервју за „360 степени“, во февруари годинава, Арсовска кажа дека Митковски е пријател на нејзиното семејство повеќе од 20 години. За неговата улога во Град Скопје, Арсовска тогаш не даде прецизен одговор.

Се шпекулира дека Митковски и Арсовска во меѓувреме ги заладиле односите.

- Реклама -