Мадуро ја блокира социјалната мрежа Икс во Венецуела на 10 дена по расправијата со Илон Маск

Венецуелскиот претседател, исто така, обвини дека неговите противници ја користат социјалната мрежа за создавање политички немири

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, денеска соопшти дека наредил 10-дневна блокада на пристапот до социјалната мрежа Икс бидејќи, како што обвини, нејзиниот сопственик Илон Маск ја користи платформата за ширење омраза по спорните претседателски избори во оваа јужноамериканска држава, пренесуваат светските медиуми.

Актуелниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро / Фото: EPA-EFE/RONALD PENA R.

Репортери на Асошиејтед прес во Каракс, главниот град на Венецуела, јавуваат дека од вчеравечер престанале да се вчитуваат објави на социјалната мрежа Икс на два приватни телекомуникациски сервиси и на државниот „Мовилнет“.

„Илон Маск е сопственик на Икс и ги прекрши сите правила на самата социјална мрежа“,

изјавил Мадуро во говор по маршот на неговите приврзаници, пренесува „Гардијан“.

Венецуелскиот претседател, исто така, обвини дека неговите противници ја користат социјалната мрежа за создавање политички немири.

Поради ова, Мадуро соопшти дека потпишал резолуција по предлог на „Конател“, националната комисија за телекомуникации, која одлучила да ја отстрани социјалната мрежа Икс, порано позната како Твитер, од оптек во Венецуела на 10 дена за да можат да ги претстават нивните документи. Претседателот на Венецуела, како што пренесуваат медиумите, не дал повеќе детали во врска со преземените мерки против Икс.

„Икс, надвор 10 дена! Илон Маск надвор“,

изјави Мадуро.

Од прес-службата на социјалната мрежа засега не одговориле на барањата за коментар во врска со случајот.

Мадуро и Маск, како што потсетува „Гардијан“, си разменија меѓусебни обвинувања по спорните претседателски избори во Венецуела на 28 јули.

Изборните власти го прогласија Мадуро за победник, но досега сè уште не ги изготвија извештаите од целосно пребројаните гласови.

Опозицијата не ја признава одлуката на изборните власти и тврди дека собрала записи повеќе од 80 отсто од 30 000 електронски гласачки машини ширум земјата кои, како што велат, покажуваат дека победник на изборите за претседател е нејзиниот кандидат, Едмундо Гонзалес.

Сопственикот на Икс преку социјалната платформа го обвини Мадуро за „голема изборна измама“.

„Срам за диктаторот Мадуро“,

напиша Маск на својата платформа во понеделникот.

Сопственикот на Икс, Илон Маск / Фото: Архива

По изборите, социјалистичкиот претседател на Венецуела рече дека е потребна регулација на социјалните мрежи во земјата, истовремено тврдејќи дека неговите противници ја користат социјалната платформа Икс за да им се закануваат на семејствата на неговите поддржувачи и политички созјуници, воениот персонал, полицајците и да генерираат вознемиреност во Венецуела.

Инаку, во ситуацијата со доцнењето на објавата на конечните резултати од изборите од страна на венецуелските власти беше спомената и С Македонија. Државниот обвинител на Венецуела, Тарек Саб, објави дека од ај-пи адреси во Северна Македонија е извршен кибернапад врз електронскиот систем кој го забавил пребројувањето на гласовите на претседателските избори, а истата информација ја сподели и актуелниот претседател Мадуро кој изјави дека тамошните власти знаат од каде е дојден нападот бидејќи хакерите оставиле трага.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) на С Македонија рекоа дека од властите во Венецуела не добиле барања или информации за понатамошни проверки, но оти Секторот за компјутерски криминал сепак ги следи случувањата.

Дополнително од МВР објаснија дека евентуално појавување на македонски ај-пи адреси во наводен напад не мора да значи дека изворно потекнуваат од Северна Македонија.

- Реклама -