Украинската армија ја нападна руската област Липецк

Украински беспилотни летала синоќа погодија воена воздухопловна база на руската армија во областа која е на речиси 300 километри од границата со Украина

Гувернерот на руската област Липецк, Игор Артамонов прв соопшти дека областа е подложена на голем напад со дронови и дека при нападите, енергетската инфраструктура била оштетена со што настанал прекин на снабдувањето со електрична енергија. Тој прогласи вонредна состојба во градот Липецк и нареди евакуација на граѓаните од четири околни села.

„Жители на Липецк, ве замолуваме да не излегувате од вашите домови се додека не се стави крај на тревогата“,

напиша Арамонов на „Телеграм“.

Во нападите била погодена руска воена воздухопловна база, потврди регионалното Министерство за вонредни состојби, без да соопштат повеќе детали во однос на тоа дали пожарот кој избувнал во базата бил предизвикан од украинскиот напад. Според неофицијалните информации пријавени се шест повредени лица, а руските медиуми јавија дека во нападите биле употребени околу 30 беспилотни летала.

Нападот на руската област Липецк која се наоѓа на речиси 300 километри од границата со Украина, следува по успешниот пробив на украинската армија во регионот Курск.

Вршителот на должноста гувернер на руската област Курск во средата прогласи вонредна состојба во регионот што граничи со Украина, каде што Русија соопшти дека се бори против украинските борци на руска територија.

Алексеј Смирнов прогласи вонредна состојба еден ден по, како што рече, движењето на украинските војници и тенкови низ рускиот регион, пишува Гласот на Америка.

Засега не е јасно какви мерки предвидува воведената вонредна состојба, но се наведува дека неколку илјади луѓе се евакуирани од областа.

Воен блогер објави дека борбите стигнале до градот Суја во близина на местото на рускиот гасовод кој ја снабдува Европа со гас преку Украина. Украина се согласи да го задржи гасоводот во функција како дел од договорот кој истекува на крајот на годината, објави „Гардијан“.

Дека ситуацијата е повеќе од критична докажува личната реакција на рускиот претседател Владимир Путин.

„Сегашната ситуација бара многу храброст и концентрација од сите нас, особено од лидерите на регионот Курск, за да се одбраниме од напади, но и да го решиме прашањето за евакуација и грижа за цивилите. Ова е неочекувана ситуација и владата во Москва веднаш ќе почне да помага“,

рече Путин.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски исто така ја коментираше акцијата, објави Дојче Веле. Говорејќи во своето обраќање, тој инсистираше на тоа дека Русија мора да ги почувствува последиците од воведувањето војна во неговата земја – иако сè уште без експлицитно упатување на тековниот упад во рускиот регион Курск. „Русија ја донесе војната во нашата земја и треба да почувствува што направи“, рече тој.

„Сега целиот свет гледа колку може да биде успешна украинската армија, како може да изненади со својата сила, како може да постигне вистински резултати. Ова е демонстрација на воена моќ на бојното поле, меѓу две армии, каде нашите војници незапирливо ги гонат окупаторите за да ја заштитат независноста на нашата земја“,

рече Зеленски.

- Реклама -