„Свифтис“ шокирани од откажувањето на концертите во Виена


Шок и неверување ја зафатија официјалната фан група на Тејлор Свифт на WhatsApp по објавата дека три концерта во Виена се откажани поради можни терористички напади. Администраторите беа преплавени со илјадници пораки.

Мари Серениг, петнаесетгодишна девојка која отпатувала од југот на Алпите за да присуствува на настапот со нејзината тетка, со месеци планирала што да облече за концертот.

„Едноставно сум шокирана и многу тажна. Но, исто така можам да разберам дека Тејлор Свифт не би се осмелила да излезе на сцената во овие услови“, изјави таа за AFP.

Своето неверување го споделија и другите фанови.

„Навистина останав без зборови“, рече Флора Зои Кобервејн, 20-годишна студентка, додавајќи дека и е „жал за оние што патувале толку далеку“.

Тејлор Свифт, моментално најпопуларната музичарка во светот, во четвртокот требаше да ја донесе својата турнеја „Eras“ со рекорди во Виена, која во мај го започна европскиот дел во Париз.

По Франција, турнејата се запре во Шведска, Португалија, Шпанија, Обединетото Кралство, Ирска, Холандија, Швајцарија, Италија, Германија и Полска, со значително влијание врз локалните економии на секоја станица.

Во Австрија на концертите се очекуваа над 195.000 гледачи кои според проценките на новинската агенција APA треба да донесат околу 100 милиони евра.

„Не можам да верувам дека концертот што го чекав повеќе од 10 години го нема. Мислам дека никогаш нема да го преболам ова“, изјави еден вознемирен фан.

Уште еден истакна дека безбедноста е на прво место, велејќи: „Искрено, колку и да сум тажен поради ова, повеќе би сакал сите посетители и јас да бидат заштитени од каква било штета. Одлуката е правилна“.

Друг обожавател се согласи, спомнувајќи го нападот на концертот на Аријана Гранде во Манчестер во 2017 година, кога беа убиени 22 млади луѓе.

- Реклама -