И годинава не изостанаа барањата за изградба на спомен-обележје кај Карпалак

Иако сите досегашни Влади ветуваа дека загинатите бранители ќе добијат достоинствен споменик, на местото Карпалак се уште стои само една плоча која е поставена на банкината покрај автопатот

23 години по убиството на десетте резервисти на македонската Армија кај Карпалак, поранешните бранители и роднини на загинатите упатија низа критики и остри зборови кон властите, барајќи подобрување на нивната социјална положба и изградба на достоинствен споменик во чест на загинатите.

Фото: Министерство за одбрана на РСМ

Прилепчанецот Јордан Трајковски кој бил дел од македонските вооружени сили за време на конфликтот иронично порача дека сака да и се заблагодари на Владата за грижата која ја води за нив и дека единствено недостасува да ги прогласат за терористи, да ги осудат на затворски казни и како што кажа да се „ратисаат“ од нив.

„Дали личи да се полага цвеќе на погинати на вакво место? Овде треба да присуствува Врховниот командант, ние сме армија, а тие дошле со заменици. Централната прослава треба од Прилеп овде да се премести. Овде е местото каде треба да чествуваме, а не во Прилеп“,

рече Трајковски.

Тој вели дека 23 години се заборавени од властите и дека немаат никакви права, па затоа разочарувањето кај учесниците во конфликтот е огромно.

На одбележувањето делегацијата на Владата беше предводена од Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а покрај него меѓудругите беше и поранешниот градоначалник на Прилеп, а сегашен заменик-министер за економија Марјан Ристески кој испорача ново владино ветување дека на месноста Карпалак на автопатот Скопје-Тетово конечно ќе се постави достоен споменик.

„Би упатил апел и како дел од Владата, а и јас ќе настојувам тука да има едно достојно спомен обележје во чест на овие 10 загинати прилепски бранители“,

рече Ристески.

Минатата година во октомври, тогашната министерка за одбрана Славјанка Петровска информираше дека министерството започнала постапка за изградба на спомениците на загинатите бранители во месноста Љуботенски Бачила, Карпалак и Вејце.

„Со оглед на обидот на градоначалниците на општините до кои беше поднесена иницијативата да ја политизираат оваа иницијатива, министерката за одбрана Славјанка Петровска, сакајќи да се зачуваат ликот, делото и жртвата на загинатите бранители започна постапка за која не е потребна согласност од општините, а ќе овозможи изградба на овие споменици на споменатите локации“,

соопштија тогаш од Министерството за одбрана.

Со заклучок на седницата на Владата одржана на 28 септември минатата година, Владата ги задолжила Министерството за одбрана и надлежните институции, местата на кои загинале македонските бранители да му бидат доделени на Министерството за одбрана.

Претходно, екс-министерката Петровска побара дозвола од Општината Желино за поставување на споменик, а оттаму и вратија дека се ненадлежени за изградба на спомен-обележје за загинатите бранители кај Карпалак и ја повикаа министерката иницијативата да ја препрати до Јавното претпријатие за државни патишта.

На ова Петровска одговори дека градоначалникот на Општината не треба да мудрува, туку да постапи по иницијативата која е согласно одредбите од Законот за меморијалните споменици и спомен-обележја.

„Градоначалникот на Желино нека не мудрува и нека постапи по иницијативата која е читко и јасно напишана, каде се цитирани одредбите од Законот за меморијалните споменици и спомен-обележја. Во услови кога градбите на пола општина му се дивоградби не е баш умесно да ми дава правни совети“,

напиша тогаш Петровска на Фејсбук.

Освен кај месноста Карпалак, 23-годишнината од смртта на резервистите се одбележа и пред споменикот на бранителите во центарот на Прилеп. Таму присуствуваше делегација на Собранието, во состав: Билјана Кузмановска, Миле Талевски и Павле Арсоски.

Одбележувањето во Прилеп започна уште вчера во прилепската касарна „Мирче Ацев“. Командантот на касарната, потполковник Славчо Кузмановски, рече дека се поклонуваат пред паметникот кој е подигнат во чест на десетте загинати војници, со ветување дека никогаш нема да бидат заборавени. Дополнително, рече дека иако тагата и болката остануваат и 23 години од нивната смрт, останува и длабоко втемелената гордост што тие биле дел од единицата на касарната.

„Останува обврската, наша и на идните поколенија и генерации, споменот на 10-те загинати прилепски и македонски херои да го чуваме, да се сеќаваме на 2001 година и никогаш да не дозволиме да се повтори“,

рече потполковникот Славчо Кузманоски.

На 8-ми август 2001 година на ова место беа убиени бранителите: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ергоган Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитовски, Горан Миноски и Пеце Секуловски.

- Реклама -