Мостот на Ибар ќе биде отворен и тоа не е прашање на дијалог помеѓу Косово и Србија, вели министерот Свечља

„Ова прашање е затворено уште во 2016 година и воопшто не е тема на дијалог, оти се работи за одлука која е веќе јавна“, порача првиот човек на министерството за внатрешни работи на Косово

Косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља и министерот за локална самоуправа Елберт Красниќи по завршувањето на протестот на Србите во северниот дел на Митровица направија увид на мостот на Ибар. Во изјава за медиумите тој рече дека мостот ќе биде отворен за сообраќај на возила, оти тоа прашање било апсолвирано уште во 2016 година и бидејќи тоа не е прашање на дијалогот помеѓу Косово и Србија.

„Увидот е во две фази, во процес сме, постапуваме според планот кој го споделуваме со колегите и не гледам ништо извонредно. Прашањето е затворено уште од 2016 година. Тоа воопшто не е прашање од дијалогот. Се работи за правото на отворање и за одлука која е веќе јавна“,

рече Свечља.

Во однос на протестите на Косовските Срби, тој кажа дека секој граѓанин има право на протест, но и дека тоа нема да ги поколеба властите да го отворат мостот за сообраќај. Министерот Красниќи, пак, им порача на Србите утре да учествуваат на консултативната средба во собранието на општината Северна Митровица и да дадат свои забелешки и да дебатираат.

„На средбата ќе се разговара за ситуацијата, каква е загриженоста околу отворањето на мостот. Секако дека ќе ги адресираме сите грижи. Очекувам граѓаните да учествуваат. Верувам дека е многу добар момент да дојдат граѓаните, и оние кои протестираат, и да зборуваат за нивните грижи. Очекувам дека ќе има учество и интерес за утрешната средба. Утре можеме да им одговориме за секоја загриженост што ја имаат за безбедносната состојба и меѓуетничките односи“,

рече Красниќи.

Косовските Срби пладнево излегоа на протест во Северна Митровица барајќи од меѓународната заедница да го запре отворањето на мостот на реката Ибар кој ги поврзува двата дела од градот, откако косовските власти најавија негово отворање за сообраќај за автомобили.

На протестот се обрати поранешниот претседател на судот во Митровица, Никола Кабашиќ, кој ги повика насобраните да не ги уриваат одлуките на општинската власт во Северна Митровица, која ја нарече принудна.

„Секој пат кога тие ќе носат одлуки кои одат на штета и се противни на волјата на граѓаните тука, ние ќе се собираме на истото место и со акламација ќе усвојуваме дека со тоа не се согласуваме“,

кажа Кабашиќ.

Протестот помина во мирна атмосфера без никакви инциденти, со незначително присуство на косовската полиција.

Косовскиот премиер Албин Курти се заблагодари на безбедносните сили кои ја осигуриле безбедноста на денешниот собир и ги повика граѓаните од српска националност да учествуваат во дебатата која општината Северна Митровица ќе ја организира во текот на утрешниот ден на тема „Меѓуетничка соработка, општинско советување за безбедност на заедницата, соработка меѓу институциите и граѓанското општество“.

„Општина Северна Митровица утре од 11:00 часот во просториите на Собранието на општината организира средба и разговор со граѓани, граѓански активисти и претставници на локалните медиуми… Ги повикувам да учествуваат нашите сограѓани од српската заедница на оваа заедничка дискусија на која ќе можат да се информираат за придобивките од отворањето на мостот и да ја изразат својата загриженост која ќе се истретира од нашите институционални претставници и институциите во земјата“,

напиша Курти.

Тој кажа дека загриженоста што ќе ја искажат граѓаните ќе биде истретирана од страна на институционалните претставници и институциите на земјата и оти мостот на реката Ибар неправедно го добил епитетот на делба помеѓу граѓаните на Косово.

- Реклама -