По апсењето двајца терористи кои планирале напад, Тејлор Свифт ги откажа планираните концерти во Виена

Австриските власти соопштија дека се уапсени две лица, а според неофицијални информации објавени од весникот „Кронен цајтунг“ едното лице има потекло од Македонија

Промотерот на пејачката Тејлор Свифт, „Баракуда мјузик“, објави дека настапите на американската пејачка кои требаше да се одржат во главниот град на Австрија, Виена, оваа недела, се откажани откако австриските власти уапсија две лица кои се сомничат дека планирале терористички напад за време на концертот.

Американската пејачка Тејлор Свифт / Фото: EPA-EFE

„Откако властите потврдија дека е планиран терористички напад на концертот на Тејлор Свифт на стадионот ‘Ернст Хапел’, немаме избор и мораме да ги откажеме трите закажани концерти за сигурноста и безбедноста на сите граѓани“,

се вели во објавата на промотерот „Баракуда мјузик“.

Кратко пред да биде објавено дека концертите се откажани, австриското министерство за внатрешни работи соопшти дека се уапсени две лица кои планирале терористички напад на концертот на американската ѕвезда, а главниот осомничен, според информации на весникот „Кронен цајтунг“, е 19-годишен Австриец со потекло од Македонија, кој живеел со своето семејство во градот Терниц.

Генералниот директор за јавна безбедност од австриското министерство за внатрешни работи изјави дека токму планираните концерти биле потенцијалните цели на главниот осомничен и дека рациите и апсењата се резултат на соработката на локалните и државните полициски агенции.

„Идентификувавме релевантни подготвителни активности и исто така фокусот на 19-годишникот биле концертите на Тејлор Свифт“,

изјави Руф.

Во полициската акција биле запленети хемиски супстанци од домот на првоосомничениот, а превентивно биле расчистени и куќите во близина поради страв од присуство на поголеми количини експлозиви.

Руф воедно рече дека двајцата осомничени се радикализирале преку канали од интернет и дека 19-годишникот се заколнал на верност на терористичката група „Исламска држава“. Иако полицијата даде повеќе информации за главното осомничено лице, сепак за второто нема информации за тоа колку години има и дали е австриски државјанин.

- Реклама -