„Радио“ и „Неправилен ритам“ – навезени вистини за едни времиња

„Радио“  и „Неправилен ритам -Приказни од современата македонска музичка сцена “ се насловите на  книгите што вчеравечер во рамки на програмата на „Охридско лето“ ги промовира авторот, новинарот Љупчо Јолевски.

Добрила Грашеска, Игор Трпчески, Сашо Поповски и Александра Поповска, со своето учество на промоцијата во Предворјето на црквата „Света Софија“ ја  споделија убавина на пишаниот збор, на македонската  музика и на македонската култура воопшто.

Поранешниот новинар Дејан Трајкоски, книгите на Јолевски ги гледа како „текстуални винили“.

-Документаристички раритет. Искра светлина од мрачните лавиринти на македонското копи-пејст новинарство. Навезени вистини за едни времиња, гледани од горе, од високо, а срочени лесно, чиниш, како со пердув“, вели Трајкоски.

Според професорката и писателка Ана Стојаноска, книгата „Неправилен ритам“  иако делува како место за чување на историјата, е одлична база за чување на сето она што во денешен контекст значи современа музичка култура и како таква треба да ни биде дел од нашето секојдневно културно и уметничко доживување.

Авторот на овие две исклучително вредни дела , Љупчо Јолевски, најави дека нема да застане само на овие две книги, туку наскоро ќе следува и трета книга напишана од неговото перо. 

-Овие две книги беа мојата лична потреба, не да оставам дел од себе туку дел од македонската култура како документ, како сведоштво за времето што допрва доаѓа. Втората е наменета на моите внуци кои допрва ќе растат и на сите нивни врсници да знаат што имало овде, на ова тло. Тука сме да ја споделиме мислата, да ја споделиме песната, да го величаме зборот. Долго размислував за оваа моја промоција во Охрид, каде ќе биде, како ќе биде. Им благодарам на „Охридско лето“, на дирекцијата, на сите оние кои таму се ангажирани за оваа можност што ми дозволија вечерва да излеземе овде пред вас и да кажеме некој збор, да ви понудиме вечер во која ќе го славиме сето она што е убаво, сето она што е вредно и можеби ќе ја запомниме потребата да бидеме блиски и да споделиме срцевина, рече Јолевски посакувајќи во Охрид да се множат културните настани кои ќе ја враќаат вербата во она што е всушност Охрид, мека на културата.

Љупчо Јолевски  е новинар кој професионалната новинарска кариера ја започнал во почетокот на 1980-те во весникот на младите на Македонија – „Млад борец“, безмалку едновремено со  почетокот од Интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Една деценија подоцна, во 1990-те се префрла во Втората програма на Македонското радио, каде бил новинар и водител на неколку контактни и музички емисии, за од 1995 година покрај редовните програмски обврски, цели четири години да биде уредник – координатор на култната Стотројка (Музичкото радио – Канал 103), која во тој период за своите програмски дострели ја добива и Годишната награда на МРТВ.Истото ова признание што го доделуваше МРТВ Љупчо Јолевски, како новинар и уредник го има добиено и во 1998 година.

Во таа декада и половина, тој  со своите текстови бил присутен во ревијата „Екран“, магазините „Рок“, „Време – забаве“, „Македонско време“, „Град“…

Инаку, Јолевски, за својата долгогодишна работа во новинарството минатата година ја доби наградата „13 ноември“ што ја доделува Град Скопје.

- Реклама -