Во Англија се подготвува пресметка меѓу десничарите и антифашистите

На улиците владее напната атмосфера со спорадични насилства откако три девојчиња беа убиени во северозападниот англиски град Саутпорт минатата недела

Британската полиција денеска се подготвува за нови антиисламски немири, додека екстремно десничарските групи најавуваат планови за напади врз центрите за азил и канцелариите за имиграција низ целата земја. Дека ќе одржат свои собири најавија и антифашистичките демонстранти.

На улиците владее напната атмосфера со спорадични насилства откако три девојчиња беа убиени во северозападниот англиски град Саутпорт минатата недела.

На интернет најпрво се прошири веста дека зад нападот стои Али Ал Шакати, наводен муслимански барател на азил, кој со брод пристигнал во Велика Британија и е на списокот за набљудување на МИ6. На крајот беше објавено дека напаѓачот е 17-годишниот Аксел Рудакубана, млад човек роден во Кардиф чии родители се по потекло од Руанда.

Шефот на лондонската полиција: Ќе ја примениме целата сила на законот

Началникот на лондонската полиција, Марк Роули, рече дека е правилно да се размислува за покренување обвиненија за тероризам против бунтовниците. Тој нагласи дека полицајците „ќе ја применат целата сила на законот“ за криминалците.

Тој ги нарече „целосна глупост“ тврдењата дека полицијата нема ист пристап кон сите демонстранти.

„Повеќе ме загрижуваат сериозните гласови кои ги повторуваат овие ставови. Тие ги изложуваат полицајците на опасност“,

убеден е тој.

Во пораката до луѓето што шират дезинформации на интернет, тој рече дека „воините од тастатурата во странство не се сигурни од казнен прогон“.

Во последните денови беа уапсени повеќе од 400 лица, а некои од нив беа обвинети поради нивните објави на Интернет.

На пример, две лица во Чешир беа уапсени откако објавија лажни информации кои сугерираат дека во локален хотел се сместени баратели на азил.

Шестмина уапсени во Белфаст

Протести има не само во Англија. Шест лица беа уапсени синоќа во Белфаст, откако полицијата трета ноќ по ред реагираше на напади, вандализам и палење.

Полициската служба на Северна Ирска (ПСНИ) соопшти дека уапсила тројца тинејџери, двајца на возраст од 16 и еден на возраст од 14 години, поради нивната вмешаност во немирите. Уапсени се уште тројца мажи на возраст од 26, 28 и 41 година поради сомнение за кривично дело штета.

Помошничката началник Мелани Џонс ги опиша сцените во Белфаст како „срамни“ и рече дека за нив „нема место во Северна Ирска“. Таа најави дека истражниот тим за јавен ред ќе ги прегледа снимките за да ги идентификува инволвираните во немирите и оние што го организираат и водат насилството.

„Директно апелирам до јавноста, не дозволувајте овие криминалци да се кријат во вашата заедница“,

изјави таа.

Отворена истрага за убиство на три девојчиња

Истрагата за смртта со нож на три девојчиња во Саутпорт беше отворена, но веднаш беше одложена додека „казнениот процес не почне да тече“. Шестгодишната Бебе Кинг, седумгодишната Елси Дот Стенкомб и деветгодишната Алис Дасилва Агиар беа убиени минатиот понеделник.

„Три мали деца беа полни со живот и енергија. Ќе ни недостасуваат повеќе отколку што можам да опишам со моите жалосно неадекватни зборови“,

рече вишиот судски лекар Џули Гулдинг, зборувајќи во градското собрание во Бутл.

Гулдинг тогаш потврди дека двете деца, Елси и Бебе, биле идентификувани од полицајците на местото на настанот врз основа на нивната облека и неодамнешните фотографии. Алиса била идентификувана од нејзиниот татко и починала во болница еден ден по нападот.

Досега се уапсени повеќе од 400 лица

Антирасистички и антифашистички групи најавија контрапротести во градовите ширум земјата.

„Расистички ѓубриња ќе се обидат да нападнат канцеларија на адвокат за имиграција. Нема да дозволиме тоа да се случи – донесете ги вашите маски“,

е една од типичните објави на контра-демонстрантите, во овој случај во крајбрежниот град Брајтон.

Владата формираше единица од 6 000 специјални офицери за борба против немирите, која ќе одговори на секое насилство.

„Оваа земја се соочува со едно од најлошите избивања на насилни нереди во последната деценија. Нема да го толерираме ова на нашите улици. Ќе ги искористиме сите расположливи сили, тактики и алатки за да спречиме понатамошни немири“,

рече Енди Валентин, кој е одговорен за полициската операција во Лондон.

Британскиот премиер Кир Стармер, поранешен јавен обвинител кој сега се соочува со својата прва криза откако дојде на власт по изборите на 4 јули, ги предупреди бунтовниците дека може да се соочат со долги затворски казни.

„Нашата главна задача е да се осигураме дека нашите заедници се безбедни. Тие ќе бидат безбедни. Правиме сè што можеме за да се осигураме дека кога е потребен полициски одговор, тој е подготвен“,

најави Стармер.

Тој посочи дека досега се уапсени повеќе од 400 лица, а 100 се обвинети и изјави дека наскоро ги очекува првите пресуди.

- Реклама -