„Вреди“: Интерпелацијата за Гаши е обид да се предизвика политички земјотрес и да се стави на тест владиното мнозинство

Интерпелацијата за работата на спикерот Гаши, која ја поднесе Левица, е заснована на седум точки, образложени на десет страници

Целта на интерпелацијата поднесена за работата на претседателот на Собранието Африм Гаши е да се предизвика политички земјотрес и да се стави на тест владиното мнозинство, реагираат од коалицијата „Вреди“ откако Левица вчера поднесе интерпелација за работата на Гаши поради тоа што воведувал, како што нагласија од оваа партија, непринципиелни политики во Собранието.

Итна смена на Гаши од спикерското столче во парламентот вчера побараа и од СДСМ.

„Како и во секој политички експеримент така и во интерпелацијата за претседателот на Собранието, Африм Гаши, има неопходни елементи. Потребен е мотив како аеродромскиот инцидент. Потоа, координирано се креира хистерија во јавноста. На фанфари се бара политичка одговорност. Се прави конструкција со обезбедувањето на претседателот на Собранието. Левица е подносител на интерпелација, СДСМ е поодржувач, а ДУИ бара алиби за јавно да влезе во ова друштво и од страничен подбуцнувач да ја преземе улогата на политички координатор“,

се наведува во реакцијата на „Вреди“.

Оттаму дополнуваат дека целта сигурно не е одбрана на дипломатските односи со Косово ниту на Охридскиот рамковен договор.

„Што е целта? Сигурно не е одбрана на дипломатските односи со Косово, ниту на Охридскиот рамковен договор, туку целта е да се предизвика политички земјотрес. Зошто? За да се стави на тест владиното мнозинство и за некој да провери дали опозицијата може да најде заеднички интерес да дејствува здружено“,

посочуваат од „Вреди“.

Од коалицијата нагласуваат дека нивните пратеници се подготвени да ја бранат честа на албанскиот народ, стратешкото партнерство со САД и ЕУ вредностите. 

Интерпелацијата што ја поднесе Левица е заснована на седум точки, образложени на десет страници.

Првите две точки од интерпелацијата се однесуваат на повреда на секуларноста на државата со групната молитва во Собранието што ја направи Гаши и повреда на дипломатските правила за обезбедување ВИП-личности со инцидентот на скопскиот аеродром во кој учествуваше шефот на обезбедувањето на Гаши. 

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, на прес-конференција рече дека очекува претседателот на Собранието, да ја стави интерпелацијата на дневен ред на седница по летниот одмор, односно на почетокот на септември, на првата наредна седница по истекот на 10 работни дена.

Одговорност од Гаши и негова смена побара и опозициската СДСМ.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека не е потребна смена на собранискиот спикер, а обвинувањата од СДСМ, ДУИ и Левица ги оценуваат како обиди „да се ќарат политички поени“.

Инаку, завчера началникот на Одделението за лично обезбедување на претседателот на Собранието Африм Гаши доби кривична пријава и беше отстранет од работното место по инцидентот што се случи во четвртокот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи. Од Министерството за внатрешни работи информираа дека кривичната пријава е поднесена поради постоење основи на сомнение дека лицето С.С сторило две кривични дела – загрозување на сигурноста по член 144 од КЗ и спречување службено лице во вршење службено дејстиве по член 382 од КЗ.

„Пријавениот С.С. на 1.8.2024 г. околу 10:30 часот на Меѓународен аеродром ‘Скопје’ на паркингот пред ВИП-салонот пристигнал со возило со поставени ротациони светла, излегол од возилото и од појасот го извадил пиштолот, го репетирал и повторно го вратил во појасот, а на полицискиот службеник од ПС за ГП Меѓународен аеродром Скопје кој извршувал работни задачи пред вратата на ВИП-салонот му се обратил на висок тон, го турнал наназад со двете раце и заканувајќи му се го спречил полицискиот службеник како службено лице во извршување на своите службени дејствија“,

се вели во соопштението.

Шефот на обезбедувањето на Гаши доби кривична пријава и е отстранет од работното место по инцидентот на скопскиот аеродром

- Реклама -