ДУИ бара сеопфатен ветинг, од ВМРО-ДПМНЕ му порачаа на Ахмети да не се крие зад вакви маневри

„Ги повикуваме сите политички партии, особено оние на власт, без одложување да побараат од меѓународната заедница мониторинг за сеопфатен ветинг на сите јавни функционери во последните 30 години“, се вели во соопштението од ДУИ

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, меѓу другото, велат дека ова е првата работа која Ахмети ја фрла во воздух како хемиска бомба која треба да направи триење меѓу власта и опозицијата, и со која лидерот на ДУИ „утре ќе сака да си ги правда постапките за излегување на улица“

Демократската унија за интеграција (ДУИ) повикува на сеопфатен ветинг на сите јавни функционери во последните 30 години, кој би се спровел под мониторниг на меѓународната заедница.  

Седиштето на ДУИ во Мала Речица / Фото: Архива

Од ДУИ ова го соопштија преку писмено соопштение, во кое информираа дека лидерот на партијата Али Ахмети денеска го собрал тесното претседателство како подготовка за состанок на централното претседателството на Интегративците, кој ќе се одржи утре.  

На денешниот состанок, велат од партијата, станало збор за, како што велат, лажната пропаганда и обвинувањата за корупција на високо ниво.  

Инаку, пораките и состаноците на раководството на ДУИ доаѓаат по изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека имаат информации добиени од повеќе канали, според кои ДУИ во обид да го заштити капиталот што го создаваше изминатите 20 години ќе преземе чекори за дестабилизирање на државата и дека тоа се очекува да се случи оваа есен.  

„Денес, претседателот Ахмети го собра тесното претседателство на партијата како подготовка за утрешниот состанок на централното претседателство. За време на овој состанок, беше дискутирано за лажната пропаганда и обвинувањата за корупција на високо ниво. Како партија, посветени сме борбата против корупцијата да не се претвори во битка за дневни и партиски интереси, туку да служи за откривање на вистината и спречување на овој штетен феномен. Оттука ги повикуваме сите политички партии, особено оние на власт, без одложување  да побараат од меѓународната заедница мониторинг за сеопфатен ветинг на сите јавни функционери во последните 30 години“,  

се вели во соопштението од ДУИ.

Според партијата на Ахмети ова би бил клучен чекор за зголемување на транспаретноста и враќање на довербата кај граѓаните. 

„Одбивањето на ова итно барање ќе покаже не само користење на лажни обвинувања за прикривање на вашата неспособност и коруптивност, туку и недостаток на храброст за соочување со вистината за корупцијата во земјата. Ги повикуваме политичките субјекти меѓународната заедница да делува сега за да го поддржи овој процес“,

велат од ДУИ.  

На повиците на ДУИ веднаш реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што упатија серија прашања до партијата на Ахмети зошто не барале ветинг кога биле на власт. 

Од владејачката партија упатија порака до лидерот на ДУИ, да престане, како што велат, да се крие зад „вакви маневри за ветинзи“ и дека тие ќе докажат дека никој не е над законот.  

„Време е да се провери и обелодени што точно сте правеле и вие и сите политичари без разлика на етничка, верска и партиска припадност. За тоа не треба ни меѓународен ветинг, ни бутур. Има закони во оваа земја. Треба само да важат тие закони и да се применуваат за сите подеднакво. Тоа во ваше време не се правеше. Ако се правеше, немаше да кажувате вакви панични идеи за меѓународен ветинг. Нема да ве спаси ни ветинг. Тој што крадел ќе одговара“,

велат од ВМРО-ДПМНЕ.  

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ/ Фото: „360 степени“ (Архива)

Во соопштението оттаму додаваат дека ова е првата работа која Ахмети ја фрла во воздух како хемиска бомба која треба да направи триење меѓу власта и опозицијата.  

„И со која Ахмети утре ќе сака да си ги правда постапките за излегување на улица. Зад сѐ ова лежи само стравот на неколку луѓе од ДУИ кои се спремни на сѐ само да си ја спасат слободата. Трагедија е до кое дереџе стигна ДУИ и колку предвидливи се нивните постапки. Го прашуваме Ахмети со какви знамиња ќе протестира кога ќе го брани сопствениот криминал, со зелени како партија на зелените, како што се ребрендираа пред неколку години кога кажаа дека ги решиле сите етнички прашања тука, или со знамиња на ЕУ како ‘Европски фронт’“,  

велат од владејачката партија.

Оттаму го повикаа и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, да излезе, како што велат, од скутот на ДУИ и „да не прави мрачни дилови со нив“ со кои се загрозуваат демократијата и правната држава. 

- Реклама -