Тошковски: Не е утврдена кривичноправна одговорност кај спикерот Гаши за инцидентот на скопскиот аеродром

Единствена кривична одговорност, според министерот, во овој случај согласно доказите, има полицискиот службеник, дел од обезбедувањето на спикерот Гаши, чие однесување го оцени како недозволиво

Кривичноправна одговорност кај претседателот на Собранието, Африм Гаши, во однос на дејствијата што ги презел не е утврдена согласно доставените докази. Ова денеска го изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи, во кој учествуваше и шефот на обезбедувањето на спикерот Гаши, кој вчера доби кривична пријава и отстранување од работното место.

Единствена кривична одговорност, според министерот, во овој случај согласно доказите, има полицискиот службеник, дел од обезбедувањето на спикерот Гаши, чие однесување го оцени како недозволиво.

„Одговорност во врска со предметниот кривичноправен настан е на полицискиот служненик, кој спротивно на закон правел тоа што правел, таму каде што правел. Не е само кривичната постапка, туку утврдена е и дисциплинска одговорност за двајца други полициски службеници, кои и покрај тоа што не презеле никаво дејствие, како што презело предметното лице, од аспект на заканување, репетирање итн., не делувале соодветно подзаконските прописи, односно молчешкум го приифатиле она што фактички се случувало. Но тоа не е предмет за кривична постапка, туку за дисциплинска постапка“,

рече Тошковски.

Според внатрешните правила и процедури на МВР, како што вели Тошковски, полицискиот службеник немал право да го напушти ВИП-објектот што го обезбедувал и не е негова одлуката, ниту надлежност, да смирува или да разгорува или да прави што било што не е поврзано со описот на неговите работни задачи.

„Службеникот што од позиција на обезбедување на претседател на Собрание се упатил кон ВИП-салонот се со цел согласно доказите, првично да ја смири ситуацијата. Како изреагирал е друга работа. Апсолутно е недезволиво дејствието што го преземал. Дури и да отишол да ја смирува ситуацијата, тој одлучил да постапи спротивно на законот“,

вели министерот.

На прашањето дали има кривична одговорност кај Гаши во однос на тоа дека дал наредба на член на обебзедувањето, лице што работи во МВР, Тошковски вели дека одговорноста е на полициските службеници, кои треба да се обратат кај началникот или да постапат во согласнот со законските надлежности.

На прашањето каква поука извлекле од овој случај како влада, Тошковски вели дека секој треба да си ја работи работата што му е пропишана согласно закон и систематизација.

„Не може да дивееме во нашата држава, кој што сака да прави. Првата реакција на ситемот е тоа што ние сега го правиме, од аспект на преземање на чекори во насока на утврдување на конкретна кривична и дисциплинска одговорност на лица што го прекршиле законот“,

вели тој.

Според него, во врска со настанот биле сослушани повеќе од 15 до 20 лица што биле сведоци на местото, а биле разгледани и видеоматеријали.

СДСМ денеска го повикува Обвинителството да покрене постапка и го повика премиерот Христијан Мицкоски да излезе во јавност и да побара политичка одговорност од Гаши. Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, рече дека пратеничката група на партијата денеска поднела интерпелација за работата на претседателот на Собранието, Африм Гаши, поради тоа што воведувал непринципиелни политики во Собранието.

Инцидентот од четвртокот на скопскиот аеродром во кој беше инволвирана косовската претседателка Вјоса Османи, беше една од темите на разговор на вчерашната средба помеѓу македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот косовски колега Албин Курти во Скопје.

По инцидентот на аеродромот, началникот на Одделението за лично обезбедување на претседателот на Собранието, Африм Гаши, доби кривична пријава и е отстранет од работното место. Од Министерството за внатрешни работи вчера информираа дека кривичната пријава е поднесена поради постоење основи на сомнение дека лицето С. С. сторило две кривични дела – загрозување на сигурноста по член 144 од КЗ и спречување службено лице во вршење службено дејствие по член 382 од КЗ.

- Реклама -