Грчките уметници Гримпас и Лазаридис приредија прекрасен концерт за публиката на „Охридско лето“

Во прекрасниот и акустичен амбиент на катедралната црква „Света Софија“ вчеравечер концерт одржаа  реномираните уметници од Грција, виолончелистот Христос Гримпас и пијанистот Емануел Лазаридис.

Двајцата уметници со внимателно одбрана програма  на чиј репертоар беа  Сонатата за виолончело од Лудвиг ван Бетовен, Грчката свита за виолончело и пијано од композиторот Михаелидес и  Сонатата  за пијано од Франц Лист, настапија во рамките на Грчката вечер која е традиционална на фестивалот „Охридско лето“ и секоја година ги носи најдобрите уметници од Грција.

Христос Гримпас студира на Државниот конзерваториум во Солун (проф. Д. Патрас) како и на Универзитетот за уметности во Берлин. Пост- дипломските студии ги завршува на Високата школа за музика во Есен во класата на В. Менделсон. Бил член на младинскиот оркестар на Рајнскиот регион, Меѓународниот младински оркестар и Оркестарот на ЕУ. Во неговата биографија се впишани бројни домашни и меѓународни награди. Како солист настапува со оркестрите во Солун, Карлови Вари,  оркестрите во Пазарџик и Софија, како и со оркестарот во Днипро и Харкив. Има остварено снимки со Симфонискиот оркестар на Грчкото радио. Во моментот е член на групата виолончела во Државниот оркестар во Солун, а е еден од основачите на ансамблот „Транскрипции“ со кој настапува на меѓународната сцена во музејот „Тејт“ во Лондон, во музејот „Кралица Софија“ во Мадрид, во „Мегарон“ во Атина и други.

Прочитајте и:  „Охридско лето“ денеска одбележува  64 години со концерт на салса оркестарот „Меркадонегро“ 

Џорџ – Емануел Лазаридис дипломирал на Кралскиот колеџ за музика и на Тринити Лабан Конзерваториумот во Лондон. Неговото константно присуство на сцената, повеќе од 35 години успешната кариера го води во: САД, Мексико, Русија, Украина, Египет, низ Европа и Блискиот Исток. Настапува пред публиката во Ројал Алберт Хол, во Карнеги Хол во Њујорк и во виенскиот „Музикферајн“. Како солист настапува со оркестрите во Санкт Петербург, Хамбург, со Кралската филхармонија во Лондон и др, под диригентските палки на Сер Невил Маринер, Инго Мецмахер, Јуриј Темирканов и други легендарни диригенти. Како камерен музичар ја дели сцената со квартетот „Медичи“, со квартетот „Изаи“, октетот „Виена“ и др. Снимените изданија на Џорџ-Емануел Лазаридис се високо оценети од стручната меѓународна критика.

- Реклама -