(ФОТО) Уапсен македонски државјанин за фалсификување евромонети – заедничка акција на ОЈО Скопје и косовското СЈО

Во рамките на акцијата биле извршени претреси на три локации во Скопје каде, според Јавното обвинителство на РСМ, се пронајдени машини за фалсификување на евромонети, готови и полуготови фалсификувани монети, калапи и материјали потребни за изработка на монетите

Во заедничка операција на македонските и косовските истражни органи вчера во Косово бил уапсен државјанин на С Македонија поради сомневања дека произведувал и пуштал во оптек стотици илјади фалсификувани метални евромонети во номинална вредност од по две евра.  

Дел од пронајдените и запленети материјали / Фото: Јавно обвинителство на РСМ

Истрагата која косовските надлежни органи ја почнале лани ги споила тамошното специјално јавно обвинителство и Основното јавно обвинителство Скопје да формираат заеднички истражен тим во врска со случајот.  

„Поради регистрирани неколку случаи на пуштање во оптек на фалсификувани пари во Косово, Специјалното јавно обвинителство на Република Косово (СПРК) заедно со Секторот за истражување економски криминал и корупција во косовската полиција, со поддршка на други истражни и разузнавачки органи во таа држава, од 2023 година започнаа повеќе активности насочени кон спречување на дистрибуцијата на фалсификувани пари, особено евра на косовскиот пазар, со што се нарушуваше пазарот и јавниот интерес. Како резултат на овие активности, започна голема меѓународна истрага во рамките на која беше формиран заеднички истражен тим меѓу косовското специјално обвинителство од една страна и Основното јавно обвинителство Скопје од друга страна. Во спроведување на активностите на истражниот тим беа вклучени претставници на Истражниот центар на ОЈО Скопје, на Одделот за борба против организиран и сериозен криминал, Единица за финансиски криминал при Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и на Директоратот за економски криминал при косовската полиција“,

соопштија попладнево од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.  

Фото: Јавно обвинителство на РСМ

Истрагата на заедничкиот тим резултирала со вчерашното апсење на македонскиот државјанин во Косово, а во исто време, биле извршени претреси на три локации во Скопје. 

„Беа пронајдени и запленети машини за фалсификување евромонети, готови и полуготови фалсификувани монети, калапи и материјали потребни за изработка на монетите. Сите тие ќе бидат предмет на натамошно вештачење“,

информираат од Јавното обвинителство.

Фото: Јавно обвинителство на РСМ

По наредба на специјалниот јавен обвинител на Косово, осомничниот македонски државјанин бил привремено задржан 48 часа, по што, како што информираат од Јавното обвинителството на РСМ, е доставен предлог за негово обезбедување во текот на постапката.  

Операцијата, додаваат од Обвинителството, во целост е поддржана од Европол и од Проектот на Европравда за кривична правда на Западен Балкан, кои, како што се наведува, овозможиле оперативна координација, критична разузнавачка анализа и техничка помош. 

Фото: Јавно обвинителство на РСМ

- Реклама -