Блинкен ги повика сите страни на Блискиот Исток да се воздржат од ескалација на тензиите

Портпаролот на американскиот Стејт департмент денеска изјави дека Блинкен телефонски разговарал со катарскиот премиер Шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани и со египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати во врска со тензиите на Блискиот Исток и пораките на Вашингтон до Иран

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ги повика сите страни на Блискиот Исток да се воздржат од натамошна ескалација на тензиите, пренесе неговиот портпарол, додека во меѓувреме растат стравувањата од ирански напад врз Израел.  

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен / Фото: EPA-EFE/YURI GRIPAS / POOL (Архива)

Пораките на Блинкен, како што јавуваат светскиите агенции, ги пренесе портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер. Тој изјави дека дипломатијата на САД испраќа пораки со кои ги повикува земјите да му кажат на Иран дека ескалација на ситуацијата на Блискиот Исток не е во нивен интерес.  

Ова доаѓа по заканите на Техеран дека ќе одговори на убиството на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије кое се случи минатата недела во напад, а за кој Иран, Хамас и либански Хезболах го обвинуваат Израел.  

Од друга страна, властите во Тел Авив ниту потврдија, ниту негираа дека Израел стои зад нападот.  

„Важно е сите страни да преземат чекори во наредните денови за да се воздржат од ескалација и деескалација на тензиите“,

изјави денеска пред новинарите портпаролот на Стејт департментот, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ). 

Милер рече дека американскиот државен секретар телефонски разговарал со катарскиот премиер Шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани и со египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати. 

Портпаролот не потврди дали пораките на Вашингтон му биле пренесени на Иран.  

Иран најави дека одмаздата врз Израел ќе спречи натамошна нестабилност на Блискиот Исток, но оти не сака дополнителна ескалација на тензиите кои се веќе високи по убиството на Ханије, пренесува РСЕ. 

„Ние веруваме дека Иран има право да го казни агресорот според меѓународното право“,

изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Канани, јави новинската агенција Тасним, блиска до иранската револуционерна гарда (ИРГЦ). 

Од друга страна израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го предупреди Иран и организациите Хамас и Хезболах кои ја имаат поддршката на Техеран да не го напаѓаат Израел. Нетанјаху изјави дека Израел е веќе во „мултифронтовска војна против иранската оска на злото“. 

Денеска во работна посета на Техеран допатувал секретарот на Советот за безбедност на Русија, Сергеј Шојгу, кој како што објавија руските медиуми, ќе има средби со високи ирански претставници, меѓу кои и со претседателот на земјата, Масуд Пезешкијан.  

- Реклама -