Полицијата трага по скопјанец осомничен за обид за убиство во Чаир: Го испрскал со вода од асфалт, а потоа пукал во него

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, а притворската мерка треба да се применува по неговото лишување од слобода

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 25-годишник за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – убиство според член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.

Како што информираат од Обвинителството, на 17 јули, во вечерните часови во Чаир, осомничениот со мотор со голема брзина поминал покрај оштетениот и уште едно лице кои се движеле пеш и ги испрскал со вода насобрана на асфалтот. Тој застанал и му се извинил само на сведокот, додека со оштетениот најпрвин започнал да се расправа, а потоа и физички размениле неколку удари.

„Осомничениот најпрво избегал, но потоа ги пречекал во близина на детската градинка Фидани и  со пиштол испукал еден куршум кон оштетениот, нанесувајќи му огнострелна повреда во десната страна на градниот кош и оштетувајќи му неколку органи. Сторителот веднаш повторно се дал во бегство“,

се наведува во соопштението на Обвинителството.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, а притворската мерка треба да се применува по неговото лишување од слобода.

МВР постапува за пронаоѓање на осомничениот.

- Реклама -