Бајден ќе одржи разговори за безбедноста на Блискиот Исток

Соединетите Американски Држави распоредија носачи на авиони во регионот како поддршка на одбраната на Израел и спречување на понатамошната ескалација на тензиите

Ситуацијата во Блискиот Исток станува сè потензична откако на крајот на јули во Техеран беше убиен политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије. Додека големите сили се обидуваат да ги смират тензиите, светот е во исчекување на евентуалниот одговор што Иран и движењето Хезболах би го презеле против Израел.

Во екот на тензиите, Пентагон соопшти дека американскиот претседател Џо Бајден ќе разговара за ситуацијата во регионот со својот национален безбедносен тим и ќе оствари средба со кралот Абудла Втори од Јордан, додека пак Израел предупредува дека секој напад врз нив ќе добие тежок и жесток контраудар.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин остварил разговори со израелскиот министер за надворешни работи Јоав Галант, на која била нагласена поддршката на САД за безбедноста на Израел и правото на самоодбрана против заканите од Иран, Хезболах и јеменските Хути.

„Тие разговараа за мерките што ги презема Министерството за одбрана на САД за зајакнување на заштитата на американските сили, поддршка на одбраната на Израел и спречување и деескалација на пошироките тензии во регионот“,

соопштија од Пентагон.

Разговорите меѓу САД и Јордан доаѓаат еден ден по посетата на јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади на Иран, каде што повика на крај на ескалацијата и побара регионот да живее во „мир, безбедност и стабилност“.

Денеска, пак, палестинското движење Хамас го избра Халед Машал за привремен лидер, а тој ќе биде на чело на движењето сè додека не се одржат новите избори. Тој е избран на оваа позиција по убиството на Исмаил Ханија во Техеран на крајот на јули.

- Реклама -