СДСМ со порака до Мицкоски – ако ги имаш, објави ги доказите за епски криминал или престани да ловиш вештерки

Од СДСМ сметаат оти кампањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ служи само за да го одвлече вниманието од клучните прашања кои ги засегаат граѓаните, а за кои владата по само еден месец потфрлила оставајќи ги во шок нејзините поддржувачи

Социјадемократите сметаат дека со празни обвинувања, шуплива реторика и ловење вештерки, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја прикрие неспособноста и скандалите кои не прекинуваат да ја газат неговата хаотична влада. 

Тие во соопштението за медиумите реагираат на интервјуото на Христијан Мицкоски за неделникот „Фокус“ во кое тој ја обвини претходната влада за криминал и корупција од епски димензии, истакнувајќи ги злоупотребите во проектите како коридорите 8 и 10-д и недостигот на десетици милиони евра за исплата на пензиите.

„На Мицкоски имаме да му порачаме само едно: Ако имате докази, изнесете ги. Фактите нека зборуваат сами за себе на суд и секој кој се огрешил, нека одговара. Толку е едноставно. Дотогаш, вашата шуплива реторика служи само за да го одвлече вниманието од клучните прашања кои ги засегаат граѓаните. Теми и проблеми на кои вие потфрливте за само еден месец. Граѓаните заслужуваат влада која работи за нив, а вие потфрливте толку силно што и вашите поддржувачи се во шок и ова добро го знаете“,

пишува во писмената реакција од СДСМ.

Оттаму велат дека континуираната кампања за оцрнување организирана од премиерот Мицкоски е потврда за неговата неспособност да понуди решенија за проблемите.  

„Мицкоски не може да разбере дека веќе не е во опозиција, туку е на власт и ваквите обвинувања без никакви докази предизвикуваат потсмев во јавноста. Тој со празни обвинувања сака да лови вештерки и да ја прикрива неспособноста и скандалите кои не прекинуваат да ја газат неговата хаотична влада. Владеењето на ВМРО-ДПМНЕ досега е само театар на обвинувања за да се прикријат скандалите со луксузирања, неспособноста да се справи со пожарите, газењето по работниците и нивните плати, задолжувањето до гуша на крајно сомнителен начин, криминалот со подароци од стотици илјади евра. Листата нема крај, затоа ова ќе ве однесе во ендек“,

се вели во одговорот на СДСМ на обвинувањата од премиерот Мицкоски во интервјуто за неделникот „Фокус“. 

- Реклама -