(ВИДЕО) Немири во неколку британски градови: Се фрлаат камења и димни бомби, повредени се и полицајци

Протестите се поттикнати од убиството на трите девојчиња во градот Саутпорт во северозападна Англија што се счучи на почетокот на неделата, а се насочени против имигрантите, откако на социјалните мрежи се проширија лажни информации дека осомничениот за масакрот е радикален муслимански имигрант

Во нов бран на насилства низ улиците на неколку британски градови се повредени полицајци. Веќе четврти ден траат немирите поради убиството на трите девојчиња во градот Саутпорт во северозападна Англија што се случи на почетокот на неделата.

Во немирите учествуваа стотици луѓе кои протестираа против имигрантите, откако на социјалните мрежи се проширија лажни информации дека осомничениот за масакрот е радикален муслимански имигрант.

Полицијата соопшти дека Аксел Рудакубана (17), осомничениот кој со нож прободел осум лица, меѓу кои и деца за време на детски час по танц во Саутпорт, е роден во главниот град на Велс, Кардиф.

Антиимигрантските и антимуслиманските протести, според британските медиуми, продолжија и се претворија во насилство и немири.

Полицијата на Ливерпул соопшти дека неколку полицајци се повредени додека се обидувале да смират сериозно нарушување во центарот на градот. Властите во источниот англиски град Хал, пак, изјавија дека четири лица биле уапсени, а тројца полицајци биле повредени во протестите.

Издадени се совети за зголемување на безбедноста во џамиите низ целата земја, додека полицијата распореди дополнителни сили.

Новиот британски премиер Кир Стармер, избран на почетокот на јул ја осуди „екстремната десница“ за насилство и ја поддржа полицијата во преземањето строги мерки.

Според него, нема оправдување за насилството.

Тепачки и насилство избувна и во Лидс и Манчестер, како и во Ливерпул, каде демонстрантите фрлаа јајца, лименки со пиво и димни бомби. Неколку лица беа уапсени во Лондон, вклучително и едно за давање нацистички поздрав на контра-демонстрант.

Според Би-би-си, најмалку 30 протести се планирани ширум Велика Британија овој викенд.

На час по танц и јога во англиски Саутпорт, маж влетал со нож при што повредил најмалку осум лица, меѓу кои и деца. Тој веднаш бил уапсен и кај него бил пронајден нож. Полицијата го идентификувала напаѓачот како 17-годишно момче и не го поврзува настанот со тероризам.

- Реклама -