Сиљановска-Давкова од „Прохор Пчински“ се помоли да заврне дожд оти „републиката е во пламен“

„Јас денеска се молам, велам дека веројатно моето присуство во овој прекрасен објект сигурно ќе ни помогне на крајот на денот да заврне дожд оти републиката е во пламен. Така што, уште еднаш да изразам голема благодарност за помошта во гаснењето на пожарите“, рече Сиљановска-Давкова по билатералната средба со својот српски колега Александар Вучиќ

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, за време на денешната посета на манастирот „Свети Прохор Пчински“ рече дека се моли до крајот на денот да заврне дожд оти „републиката е во пламен“.  

Од изјавите на Сиљановска-Давкова и нејзиниот српски колега Александар Вучиќ во манастирот „Св. Прохор Пчински“ / Фото: Веб-страница на претседсателот на РСМ

Таа алудираше на пожарите кои изминатиот период беснеат на повеќе локации на територијата на државата и во лие локализирање и гаснење покрај македонските помагаат и екипи од странство, меѓу кои од соседна Србија.  

„Кога веќе беше споменат денот, да, ова не е само најважниот или празникот над празниците за нас, бидејќи тоа е денот на создавањето на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, денеска говорев за тоа, но исто така важно и заради ‘Свети Илија’. Јас денеска се молам, велам дека веројатно моето присуство во овој прекрасен објект сигурно ќе ни помогне на крајот на денот да заврне дожд оти републиката е во пламен. Така што, уште еднаш да изразам голема благодарност за помошта во гаснењето на пожарите“,

рече Сиљановска-Давкова по билатералната средба со својот српски колега Александар Вучиќ. 

Овој дел од изјавата на Сиљановска-Давкова е по четвртата минута од видеото.

Македонската претседателка, по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, денеска беше во посета на манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде што на денешен ден пред 80 години е одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија и положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ. 

Во манастирот таа беше пречекана од својот српски колега Александар Вучиќ, со кого во придружба на митрополитот врањски г. Пахомије, го разгледаа манастирскиот комплекс, по што имаа билатерлна средба.

Од Центарот за управување со кризи денеска информираа дека на територијата на државата беснеат девет пожари на отворено и шумски пожари, а еден од најтешките е на Осоговските планини во атарот на селото Зеленград на територијата на општина Пробиштип.  

Тежок пожар има и во атарот на селата Тажево и Брезница, кон Јасен, кој се одвива неколку дена на тешко пристапен терен, а денеска избувнал пожар и во Охрид, во атарот на селото Косел, кој има опасност да влезе во борова шума, поради што ЦУК таму пренасочиле еден хеликоптер. 

- Реклама -