Ако за време на Отоманската Империја одел „Ориент експрес“ – денеска ние имаме сериозен проблем со железницата, кажа Сиљановска-Давкова по средбата со Вучиќ

Денеска тука е и потпретседателот на Владата, г. Стоиљковиќ, и веќе тргнавме да разговараме, односно јас го изразив интересот на Република Србија – ние да градиме пруга до Прешево, а тие оние 190 километри од „Табановце“ до Гевгелија, за да може да имаме брз пат до Солун, со брза пруга и мислам дека тоа би било од искучително значење за двете страни, рече Вучиќ по средбата со Сиљановска-Давкова

Пругата која ќе ги поврзе Србија од Прешево преку „Табановце“ и Гевгелија со Солун била дел од денешниот разговор меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и нашата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова.

Двајцата претседатели заедно го одбележаа 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, на местото каде што на денешен ден во 1944 година се одржа Првото заседание на АСНОМ – манастирот „Свети Прохор Пчински“.

Вучиќ ѝ ја честита изборната победа на Сиљановска-Давкова, и порача дека очекува двете земји да развиваат најблиски можни односи, градејќи ги внимателно и со меѓусебно почитување, како и работа на конкретни проекти.

„Денеска тука е и потпретседателот на Владата, г. Стоиљковиќ, и веќе тргнавме да разговараме, односно јас го изразив интересот на Република Србија ние да градиме пруга до Прешево, а тие оние 190 километри од ‘Табановце’ до Гевгелија, за да може да имаме брз пат до Солун, со брза пруга и мислам дека тоа би било од исклучително значење за двете страни. Разговараме и за сите други политички прашања, од европскиот пат, проблемите со кои се соочуваме, до тоа што е заедничка мака и заеднички интерес на нашите народи и нашите земји“,

рече Вучиќ.

Вучиќ ја пречека Сиљановска-Давкова со букет цвеќе

Сиљановска-Давкова посочи дека не може да говори за железницата, но дека предлогот на Вучиќ го смета за логичен.

„Односите јас денеска ги нареков, и ќе повторам и овде, како невообичаено скандинавски на Балканот, бидејќи она што го правеа Данска, Финска и Шведска за Летонија, Литванија и Естонија, јас денеска го почувстував овде. Не можам да говорам за железницата, но предлогот е логичен, да. Дури да ве насмеам, јас денеска реков дека ако за време на Отоманската империја одел ‘Ориент експрес’, денеска ние имаме сериозен проблем со железницата, а железницата е многу важна. Тоа е надлежност на Владата, меѓутоа имавме тука преставник на Владата и мислам дека тоа е едно логично решение“,

кажа таа.

На заедничката прес-конференција, Вучиќ посочи дека се надева оти во наредните две години трговската размена меѓу двете земји може да оди преку две милијарди евра.

- Реклама -