Вучиќ ја пречека Сиљановска-Давкова во „Св. Прохор Пчински“: Илинден е уште една точка на поврзување на нашите народи

Во објава на социјалните мрежи српскиот претседател напиша дека манастирот е најдоброто место за оваа средба, бидејќи „ја симболизира врската меѓу Србија и Северна Македонија, вкоренета во заедничката традиција и предизвикувачките историски околности кои ги обликувале идентитетите на нашите народи“

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова и нејзиниот српски колега Александар Вучиќ денеска заедно го одбележаа 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, на местото каде на денешен ден во 1944 година се одржа Првото заседание на АСНОМ – манастирот „Свети Прохор Пчински“.

Фото: Фејбук-профил на Александар Вучиќ

Сиљановска-Давкова положи цвеќе пред спомен плочата на АСНОМ во манастирот, и заедно со Вучиќ запалија свеќи во црквата на манастирскиот комплекс.  

„По повод 80-годишнината од првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија денеска положив свежо цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ во манастирот ‘Св. Прохор Пчински’. Местото за нас има огромно историско значење, од аспект на македонската државотворност. Почит за асномците кои дадоа придонес и жртва за формирање на слободната македонска држава. Благодарност за српскиот претседател Александар Вучиќ за гостопримството“,

напиша Сиљановска-Давкова на Фејсбук.

Српскиот претседател исто така во објава на социјалните мрежи напиша дека и посакал добредојде на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во манастирот, кој според него е најдоброто место за оваа средба, бидејќи „ја симболизира врската меѓу Србија и Северна Македонија, вкоренета во заедничката традиција и предизвикувачките историски околности кои ги обликувале идентитетите на нашите народи“. 

„Токму Илиндан, односно Илинден е уште една допирна точка на која треба да го засноваме натамошното поврзување на нашите две земји. Благодарен сум на Неговото Високопреосвештенство Архиепископот и митрополит Врањски Пахомиј и на игуменот на манастирот Архимандрит Методиј за топлото добредојде и исклучителното гостопримство во ова големо светилиште, кое речиси илјада години претставува место на собирање, поврзување и духовна обнова речиси илјада години“,

напиша Вучиќ на Фејсбук и Инстаграм.  

Претходно, пред заминувањето во манастирот „Свети Прохор Пчински“ претседателката Сиљановска-Давкова имаше обраќање во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце.  

Таа во својот говор, меѓу другото, порача дека битката за младите е битка за четвртата македонска република, додека во однос на евроинтеграциите, рече дека нашето место беше и е во Европа, но со заштитен македонски идентитет, јазик, култура и историско паметење. 

- Реклама -