Сиљановска-Давкова од Пелинце: Нашето место беше и е во Европа, но со заштитен јазик, култура и историја

Според неа, како што кажа, причината што многу млади луѓе ја напуштија државата не е само во платите и примањата, туку животниот стандард се и вредносите, владеењето на правото, односот на институциите кон граѓаните и меѓучовечките односи. Во таа насока таа порача дека четвртата македонска република мора да биде праведна, бидејќи правдата е врската меѓу граѓанинот и државата

За патот кон полноправно членство во Европската Унија, Сиљановска-Давкова, рече дека освен географски, ние и вредносно, политички и економски припаѓаме кон големото европско семејство, но сè уште се соочуваме со непринципиелни услови што постојано се менуваат

Асномските документи пулсираат со европските прогресивни идеали и се повикуваат на правото на самоопределување и рамноправност меѓу народите. И денес нашата независна република е компатибилна со проектот за обединета Европа бидејќи во нашите асномски темели се препознаваат напредните европски вредности. 

Ова, меѓу другото, го истакна претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова во нејзиното обраќање во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце по повод чествувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката.  

Од обраќањето на претседателката на држвата, Гордана Сиљановска-Давкова во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце / Фото: Веб-страна на претседателот на РСМ

Во својот говор претседателката се осврна на неколку теми. Говорејќи за генезата на македонската револуционерна борба во рефлексијата на Француската револуција и доаѓањето до победоносниот Илинден, Сиљановска-Давкова своите пораки ги посвети на младите генерации и на нашeто место во Европа, но, како што кажа, со заштитен македонски идентитет, јазик, култура и историско паметење, меморија.   

На почетокот на нејзиното обраќање, таа рече дека ќе зборува како партизанска ќерка и дека Илинден е дена на светлината и на слободата.  

„На овој празник над празниците се потсетуваме на двете етапи на вековната македонска борба за слобода и за државност. На овој ден над деновите се сеќаваме на двете илинденски поколенија – на Гоце Делчев и на Кузман Јосифовски-Питу, на Никола Карев и на Методија Андонов-Ченто. А таа силна врска меѓу двете етапи и двете генерации најдобро ја изрази Панко Брашнаров, живиот сведок на двата Илиндени. Пред 80 години, во манастирот „Св. Прохор Пчински“, тој со треперлив глас, како мојов, воскликна дека по вековните борби и жртви ‘се роди нова, светла и слободна македонска држава’“,  

рече Сиљановска-Давкова.

Говорејќи за Декларацијата на АСНОМ, претседателката рече дека во неа се гледа дека нашите основоположници не биле реалисти коишто се адаптирале кон моќта, туку биле идеалисти кои создавале република на национална слобода и социјална правда, на рамноправни граѓани „не гледајќи на нивната народност, пол, раса и вероисповедание“. 

Зборувајќи за младите, претседателката порача дека во минатото младите се жртвуваа за нашата слобода, а денес, ние мора да се жртвуваме за иднината на младите.  

„Ако денес, 80 години потоа, ги прашате младите генерации, кое човеково право им е најважно, верувам дека огромен дел од нив ќе речат – правото на напредок, правото на потрага по среќа. Потрагата по среќа, за мене, не е холивудско клише, туку насушна потреба на човекот осмислено да придонесува за доброто на заедницата во која и самиот припаѓа. Ова право, што најпрво било прокламирано со Американската револуција, и било потврдено со Француската револуција, било прегрнато од нашите илинденци и асномци и, преку нив, вградено во македонската република…Повеќе од многу други човекови права и слободи, токму правото на напредок, на потрага по среќа е сврзано со младите. Тоа е нервот што ги придвижува младите луѓе, ги мотивира да се надградуваат, да се натпреваруваат, да бидат активни, да бидат граѓани коишто се залагаат за позитивни општествени промени. И затоа, повеќе од многу други права, токму од правото на прогрес зависи иднината на републиката“,

рече Сиљановска-Давкова. 

Фото: Веб-страна на претседателот на РСМ

Според неа, како што кажа, причината што многу млади луѓе ја напуштија државата не е само во платите и примањата, туку животниот стандард се и вредносите, владеењето на правото, односот на институциите кон граѓаните и меѓучовечките односи.  

„Успехот на републиката се мери според тоа дали таа е пристојно место за живеење и дали им нуди еднакви шанси за напредок на сите. Токму ова право е загрозено од корупцијата и од непотизмот коишто, изминативе години и децении, создадоа двојни стандарди, го нарушија владеењето на правото и го поткопаа општото добро. Но, и од долгогодишните неправедни блокади на нашите европски и евроатлантски интеграции коишто ја исцрпуваа државата“,

рече претседателката на државата.  

Во таа насока таа порача дека четвртата македонска република мора да биде праведна, бидејќи правдата е врската меѓу граѓанинот и државата.  

„Битката за младите е битка за четвртата македонска република. 
Битката за најдобрите и на најталентираните е битка за четвртата македонска република. Битката за знаењето наспроти незнаењето, за извонредноста наспроти просечноста, за креативноста наспроти деструктивноста, е битка за четвртата македонска република. Битката за заштита на нашите шуми, на животите и имотите на нашите граѓани од огнените стихии, е битка за четвртата македонска република“,

рече Сиљановска-Давкова. 

Фото: Веб-страница на претседателот на РСМ

Оваа битка, порача таа ќе ја добиеме само со европеизација на државата, со владеење на правото, борба против корупцијата, ефикасни институции, компетитивна економија, со демократски вредности и демократска политичка култура, со човекови права и слободи, конечно, со функционални системи што ќе можат да се справат со пожарите, поплавите и другите елементарни непогоди. 

Вистинскиот патриотизам, рече таа, се докажува не со празни зборови и гола реторика, туку со работа и труд

За патот кон полноправно членство во Европската Унија, Сиљановска-Давкова, рече дека освен географски, ние и вредносно, политички и економски припаѓаме кон големото европско семејство, но сè уште се соочуваме со непринципиелни услови што постојано се менуваат.  

„Но, знаеме дека меѓу земјите членки имаме многу пријатели коишто се застапуваат за нас и ја будат европската совест кон случајот со нашето маратонско интегрирање. Ние мора да им помогнеме со тоа што нема да отстапиме од зацртаниот европски пат. Тоа е и нашиот пат. Македонските институции се подготвени за европските реформи. Но, од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговорите. Нашето место беше и е во Европа, но со заштитен македонски идентитет, јазик, култура и историско паметење, меморија“,

порача Сиљановска-Давкова.  

- Реклама -