ОЈО Скопје поведе постапки за тешка кражба во Скопје и убиство во Батинци

Осомничениот за тешката кражба во Скопје е 35-годишен прилепчанец кој веќе е лишен од слобода, а надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор бидејќи, според Обвинителството, постојат околности кои очигледно укажуваат на опасност од бегство

За убиството во Батинци, пак, Обвинителството сомничи двајца жители на Батинци кои се во бегство и се недостапни за полицијата

ОЈО Скопје / фото: архива

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице поради сомненија дека сторил кривично дело – тешка кражба според член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик.

Како што соопшти Обвинителството, сомненијата укажуваат дека делото го сторил во соизвршителство со уште едно лице кое е идентификувано и по кое се трага.

„На 23 јули, во временски период меѓу 12 и 13 часот, двајцата со провалување насилно влегле во стан на булеварот ‘Трета македонска бригада’ и одзеле лаптоп компјутер, рачни часовници и други предмети во вкупна вредност од 38 000 денари“,

соопшти ОЈО Скопје.

Осомничениот е 35-годишник од Прилеп кој веќе е лишен од слобода, а надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор бидејќи, според Обвинителството, постојат околности кои очигледно укажуваат на опасност од бегство.

Поведена истрага за убиство во Батинци, полицијата трага по сторителите

ОЈО Скопје информира и дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против две лица кои се осомничени дека заедно сториле кривично дело – убиство од член 123 став 2 точка 3, како и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи согласно член 396 став 5 во врска со став 3 од Кривичниот законик.

„Двајцата жители на Батинци, на 1 јули, во автомобил со странски регистарски таблички неовластено држеле три автоматски пушки чие поседување е целосно забрането за граѓаните. Со возилото пресекле пат на друг автомобил во кој имало две лица, излегле надвор и веднаш почнале да пукаат. Едниот од оштетените го лишиле од живот, додека на другиот му го довеле во опасност животот и му нанеле телесни повреди, по што осомничените во близина на селото Драчевица го запалиле нивниот автомобил и избегале“,

соопшти ОЈО Скопје.

Обвинителството информира дека двајцата осомничени се во бегство и се недостапни на органите на прогонот од моментот на сторување на делата.

„Со оглед на тоа, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничените која ќе започне да се применува од нивното пронаоѓање и лишување од слобода. До Министерството за внатрешни работи се издадени соодветни наредби за пронаоѓање на осомничените лица“,

информира ОЈО Скопје.

- Реклама -