ТАВ Македонија за инцидентот на скопскиот аеродром: Спроведена е стандардна безбедносна проверка на претседателката на Косово

Авијациската безбедност и безбедноста на патниците не била загрозена, велат од ТАВ бидејќи ВИП-салонот е во посебна зграда, изолирана од главната терминална зграда на скопскиот аеродром

ТАВ Македонија информира дека во согласност со Законот за воздухопловство и меѓународната законска регулатива која се однесува на обезбедување на цивилното воздухопловство, како аеродромски оператор имаат законска обврска за спроведување на безбедносен преглед на сите патници, багаж и стоки на летовите од Меѓународниот Аеродром Скопје и од Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид.

По инцидентот кој се случил денеска на скопскиот аеродром со претседателката на Косово, Вјоса Османи, каде се вмешал и член на обезбедувањето на собранискиот спикер Африм Гаши, од ТАВ Македонија велат дека на проверки се обврзани и патниците кои патуваат преку ВИП-салонот.

„Одделот за Обезбедување на ТАВ Македонија, постапувајќи во рамките на своите овластувања спроведе стандардна безбедносна проверка на споменатиот патник како и на неговиот багаж, на пунктот за безбедноста проверка во ВИП- салонот, со цел обезбедување на конкретниот комерцијален лет“,

велат од ТАВ Македонија.

Од ТАВ Македонија потенцираат дека безбедноста на патниците не била загрозена, бидејќи ВИП-салонот е во посебна зграда, изолирана од главната терминална зграда на скопскиот аеродром.

„Сакаме да потенцираме и дека авијациската безбедност не беше загрозена, поради тоа што споменатиот инцидент се случи во јавната зона на аеродромот, односно пред пунктот за безбедносна проверка на ВИП-салонот од каде ВИП-патниците, откако ќе бидат проверени од Обезбедувањето се упатуваат во безбедносно-контролирана зона на аеродромот“,

се наведува во соопштението од ТАВ Македонија.

Како што потврди МВР за „360 степени“ денеска, околу 10 часот на Меѓународниот аеродром „Скопје“, член на обезбедувањето на собранискиот спикер Африм Гаши кој воедно е полициски службеник, направил инцидент со вработени во ТАВ Македонија.

Додека претседателката на Косово, Вјоса Османи поминувала на гранична контрола, во моментот кога од неа било побарано да го остави телефонот за да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработеното лице од ТАВ, за таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Иако вработениот бил оттргнат, сепак багажот бил вратен и поминал на скенер.

Половина час по случајот, на аеродромот пристигнало лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието, Гаши, заедно со уште двајца припадници на полициските служби и започнал да се заканува на вработените во ТАВ и го барал „виновникот“ кој и направил проблем на Османи, притоа туркајќи полициски службеник кој бил вработен на граничниот премин.

„Веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и во координација со ОЈО за ГОКК се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“,

информира МВР.

- Реклама -