Сиљановска-Давкова помилува пет осудени лица по повод Илинден

Петтемина осудени, се додава во соопштението, се помилувани во траење од два до четири месеци, што кај две лица довело до потполно ослободување од извршување на казната затвор

Пет осудени лица се помилувани од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод 2 Август, Илинден.

Како што информираат од кабинетот на Сиљановска-Давкова, две лица се потполно помилувани, а другите три делумно се ослободуваат од натамошно извршување на казната затвор.

Петтемина осудени, се додава во соопштението, се помилувани во траење од два до четири месеци, што кај две лица довело до потполно ослободување од извршување на казната затвор.

Потполно се ослободуваат од извршување на неиздржаниот дел од казната затвор осудените лица Андреј Методија Мојсоски од село Селце и Миран Латиф Исмани од село Слатино. Делумно, пак, во траење од два месеци се ослободуваат три лица – Блаже Владимир Стојанов од Штип, Ванчо Делче Кржовски од Пехчево и Ненад Душко Магделиниќ од Штип.

Помилувањата што за Илинден ги даде Сиљановска-Давкова се први откако таа е претседателка на државата.

Во понедлникот претседателката Гордана Сиљановска-Давкова донесе одлука за составот и за именување претседател и членови на Комисијата за помилување.

За претседател на Комисијата е именуван проф. д-р Методија Каневчев, а за членови на Комисијата се именувани проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева-Ивановска, Саше Димовски и Ајтен Шаќири.

Помилувањата од Сиљановска-Давкова беа споменувани уште во текот на предизборната кампања. На еден од јавните настапи тогаш таа кажа дека од позиција на претседателка би ги помилува осудените од 27 април, кои се осудени за упадот во Собранието.

- Реклама -