Андоновска: Во исклучените фрижидери во ИЈЗ имаше и реагенси за голема кашлица од која моментално има епидемија

Во фрижидерите што некој ги исклучил вчера имало и реагенси за голема кашлица, информираше денеска директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, во изјава за медиуми.

– Кај нас постои сомнеж за извршена евентуална диверзија во Институтот на јавно здравје во текот на вчерашниот ден, оставаме на институциите на системот да го истражат, повтори Андоновска, нагласувајќи дека таа само пет дена ја извршува директорската функција.

Во текот на вчерашниот ден, таа била известена дека не функционираат дел од фрижидерите што се наоѓаат на еден од спратовите на Одделот на микробиологија, поточно на бактериологија.

– Се работи за еден фрижидер и се работи за една комора во посебна соба. Како што сум известена, во овие фрижидери т.е. во оваа комора, се чуваа доста значајни реагенси што би детектирале низа на заболувања. Ние при самото наше доаѓање, констатиравме дека се исклучени директно од бушони – има две разводни табли во тој ходник, а во тој ходник поминуваат сите коишто работат во овој дел. Отворени се разводните табли, тоа е претпоставка, повторно ќе кажам, ние оставаме тоа да се испита дали е сето така, дали е случајно, дали е намерно, појасни Андоновска.

Таа рече дека детекцијата е најважна за да се даде соодветен третман, терапија или лекување, па затоа реагенсите се значајни.

– Овие две разводни табли каде што практично беше исклучен осигурувачот, се разводни табли каде што има стотина осигурувачи. Беа спуштени само оние коишто се поврзани со фрижидерот. Ние случајот уште во текот на вчерашниот ден го пријавивме до надлежните институции и јас искрено верувам дека тие ќе си ја завршат својата работа, ќе констатираат дали ова е навистина диверзија направена или е случајност, истакна таа.

Моментално се проверуваат реагенсите дали се оштетени.

– Во текот на денот јас ќе имам официјален стручен извештај, ќе можам исто да го проследам до вас, дали имаме оштетување или сме реагирале брзо за да спречиме еден ваков обид – случаен или не, посочи Андоновска.

На прашање, за што се тие реагенси, Андоновска кажа дека имало и за големата кашлица, каде беа пријавени три епидемии, во ниво на територијата на Скопје, Куманово и на Тетово.

Прочитајте и:  Јавното обвинителство на увид во Институтот за јавно здравје, се испитува дали има обележја на кривично дело

– Едно само ќе ви спомнам, таму беа реагенсите и за големата кашлица што во моментов имаме епидемија на голема кашлица и замислете, ние ќе немавме ниту еден реагенс денеска, доколку не реагиравме соодветно. А јас пред некој ден ја информирав јавноста дека затекнав во оваа институција недостаток на вакви реагенси и тоа во тек на веќе прогласена епидемија, надлежните коишто биле пред мене на оваа институција ја оставиле оваа институција со недоволен број реагенси, рече Андоновска.

Директорката беше прашана дали бројот на вработени кои имаат пристап до овие комори е ограничен или не.

– Јас кога дојдов уште првиот ден, побарав работни процедури од сите, бидејќи секаде прво е работната процедура, кој и како на кого одговара, што и како се чува, бидејќи тука имаме доста сензитивни работи коишто ги обавува овој Институт. Мене ми беше кажано на колегиум, дека нема работни процедури. Јас, нормално, дадов насока тие работни процедури да бидат завршени, доставени, да почнеме да ги практикуваме, бидејќи досега не се практикувале. Од она што јас го видов во моментов дека дел од оваа комора е во посебна просторија каде што има клуч. Јас кога побарав кој го има клучот, ми рекоа дека тие имаат само еден клуч, а кој ги има останатите клучеви и дали има останати клучеви – не можат да ми дадат одговор, одговори директорката.

На прашање дали се знае кој го имал тој клуч, таа одговори потврдно.

– Да, во моментов еден од вработените на тој оддел, рече Андоновска.

Претходно, таа во изјава за МИА рече дека по овој случај, ќе бара дозвола за поставување камери од Министерството за внатрешни работи.

Од Јавното обвинителство информираа дека се прибира документација и се вршат разговори со лица, кои би можеле да имаат сознанија за исклученото напојување со електрична енергија на коморите каде се чуваат реагенсите за испитување заразни и незаразни болести во Институтот за јавно здравје.

- Реклама -