Тројца обвинети за нападите врз САД на 11 септември сакаат да се изјаснат за виновни

Детали од договорот што тие, според информациите го постигнале со обвинителството, засега не се објавени, но според објавите на американските медиуми тројцата мажи ќе се изјаснат за виновни во замена обвинителството да не бара смртна казна на судењето

Тројца од обвинетите за планирање на терористичките напади врз Соединетите Американски Држави (САД) на 11 септември 2001 година склучиле договор со обвинителството пред да им судено за злостроството, соопшти американското Министерство за обрана, пренесуваат западните медиуми.

Момент по нападот на кулите близначки во Њујорк на 11 септември 2001 година / Фото: Википедија

Според информациите, станува збор за Калид Шеик Мохамед, Валид Мухамед Салих Мубарак Бин Аташ и Мустафа Ахмед Адам ал-Хавсави, кои како што наведува Би-би-си со години се притворени во базата на американската морнарица во заливот Гвантанамо на Куба, без да бидат изведени пред суд.

Детали од договорот засега не се објавени, но според објавите на американските медиуми тројцата мажи ќе се изјаснат за виновни во замена обвинителството да не бара смртна казна.

За потестување, речиси 3 000 луѓе во Њујорк, Вирџинија и Пенсилванија, беа убиени во нападите на 11 септември 2001 година, кои ја иницираа „војната против тероризмот“ на САД и инвазиите на Авганистан и Ирак.

Нападите кои беа извршени со киднапирани комерицијални авиони, чија цел беа кулите близнички во Њујорк и Пентагон, беа најсмртоносните на американско тло од јапонскиот напад на Перл Харбор на Хаваи во 1941 година, во кој беа убиени 2 400 луѓе.

Според „Њујорк тајмс“ договорот за признавање вина првпат бил објавен во писмо испртатено од обвинителството до семејствата на жртвите во нападите, а молбата би можела да се најде пред воениот суд уште следната недела.

„Специфичните услови од предистражните договори не се достапни за јавноста во овој момент“,

се наведува во соопштението на американското Министерство за одбрана, пренесува Би-би-си.

Инаку, тројцата мажи се соочуваат со низа обвиненија, меѓу кои за напад на цивили, убиства со кршење на правилата за војување, киднапирање и тероризам.

Калид Шеик Мохамед се смета за архитект на нападот, во кој извршителите киднапираа патнички авиони и ги урнаа во Светскиот трговски центар во Њујорк и во зградата на Министерството за одбрана на САД – Пентагон во близина на Вашингтон. Четвртиот авион се урна во поле во Пенсилванија.

Калид Шеик Мохамед, кој по професија е инженер образован во САД, беше фатен заедно со Хавсави во Пакистан во март 2003 година. Според обвинителството, тој му ја презентирал идејата за нападот со киднапирање и уривање на авионите во одбрани цели на тогашниот лидер на терористичката организација Ал Каеда, Осама Бин Ладен, а потоа помогнал во регрутирањето и обучувањето на некои од киднаперите.

Тој, како што наведува Би-би-си, за време притворот во Гвантанамо најмалку 183 пати бил подложен на „засилени техники на испрашување“, вклучително и „вотербординг“, односно симулирано давење во вода, пред оваа практика да биде забранета од американската влада.

Калид Шеик Мохамед по неговото фаќање во Пакистан во 2003 година / Фото: Википедија

Судскиот процес, како што наведува британскиот сервис, беше долго одложуван, делумно и поради стравувањата дека бруталните техники на испрашување, кои критичарите и голем број огранизации ги оценија како мачење, би можеле да ги поткопаат доказите против обвинетите.

Во септември лани, администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден, според информации, наводно ги отфрлила условите за спогодба за признавање вина со петмина мажи држени во притвор во базата на американската морнарица на Куба, меѓу кои и Мохамед.

Обвинетите, наводно, барале гаранција од претседателот дека нема да бидат чувани во самица и дека имаат пристап до третман за траума, пишува Би-би-си.

Советот за национална безбедност на Белата куќа соопшти дека канцеларијата на претседателот во средата била известена за новиот договор и дека немала никаква улога во преговорите.

Џим Смит, чија сопруга загинала во нападите, за „Њујорк пост“ изјавил дека семејствата на жртвите 23 години го чекале денот на судењето за да кажат на записник „што овие животни им направија на нашите најблиски.

„Тие ни ја одзедоа таа можност“,

рекол Смит, додавајќи дека обвинетите треба да добијат највисока казна за она што го сториле.

Републиканците, исто така, ја нападнаа администрацијата на Бајден за склучување договор со обвинетите.

Водачот на републиканците во Сенатот, Мич Меконел, го осуди потегот како „абдикација од одговорноста на владата да ја брани Америка и да обезбеди правда“.

„Единственото нешто полошо од преговорите со терористите е да се преговара со нив откако ќе бидат во притвор“,

рече тој.

- Реклама -