Донесовме нов поглед на светот и на жената во нашето општество

Режисерката Елеонора Венинова на Филмскиот фестивал во Галичник кој се отвара вечерва со програмата за краткометражни играни, документарни и анимирани филмови, ќе се претстави со два филма, краткометражниот „Прошетка“ кој неодамна ја имаше македонската премиера во „Киноверзум“ во Скопје и со нејзиниот прв долгометражен филм „Преекспонирано“ во ревијалниот дел на фестивалот. Со Венинова разговаравме за магијата на Фетивалот во Галичник , кој е своевиден спој на убавината на природата и убавината на светот кој се прикажува во филмовите кои се проектираат и на крај резултатот е едно доживување кое истовремено го храни и духот и телото. Разговаравме за нејзините филмови и предзивици, но и за тоа што донесоа жените во македонската кинематографија во овој нов бран.

Трн: Годинава сте на Галичник Филм Фестивал со два филма, Вашиот филм Прошетка е во официјалната селекција, а во ревијалниот дел ќе биде прикажан долгометражен филм Преекспонирано. Во 2022 година бевте дел од жири комисијата. Што претставува за Вас лично овој фестивал?

Елеонора: Филмскиот фестивал во Галичник ми е многу драг затоа што е еден уникатен фестивал кој се одржува на импресивна локација на која има фантасична атмосфера. За нас филмаџиите е значајно да ги промовираме нашите филмови во сите делови од нашата земја, а не само во Скопје, како што тоа е најчесто случај, и од тој аспект Галичник е една од оние локации кои, иако се доста посетувани од туристи во текот на летото, немаат редовна кино програма, така што ова е навистина редок настан кој на гостите им нуди да гледаат филмови од целиот свет во прекрасниот амфитеатар под ѕвездено небо.

Трн: Во двата филма Прошетка и Преескпонирано, користите различен фомат за да ја раскажете приказната. Што е за Вас поголем предзивик, да се раскаже приказна широко во 90 минути или во 5 до 20 минути?

Елеонора: Краткиот и долгомтражниот филм се навистина две доста различни форми на раскажување на приказна. И двата си имаат различни предизвици и бараат различен пристап, како во раскажувањето на приказната, така и во третирањето на времето. Најголемиот предизвик за мене е во избирањето на приказната која ќе се раскаже, има приказни кои многу лесно се „пакуваат“ во краток формат и ако имате таква приказна, реализацијата ќе биде многу полесна. Во долгометражните филмови пак, имаме друг предизвик, а тоа е да има доволно материјал во приказната која сме ја одбрале за да ја задржи публиката 90 или повеќе минути и тука разработката на ликовите и дејствието е поинаква. На пример во „Прошетка“ една од темите е времето и минливоста на постоењето, така што краткиот формат ми се виде најпогоден за да го истражувам тоа. Сепак, би рекла дека долгометражниот филм е сам по себе покомплексен и поголем предизвик за реализација.

Трн: Вашите последни филмови ги раскажуваат интимните приказни и меѓучовечките односи, судирот, конфликтот во себе и со најблиските. Која е темата која ве интригира во последно време и која сакате следна да ја напишете и создадете на филмското платно?

Елеонора: Најчесто се провлекуваат неколку теми во моето творештво, а она што ме интригира моментно е нашето место во универзумот, што значи повеќе ме инересира философија и спиритуалност отколку филм 😊 Шала на страна, овие доста генерални теми секако си наоѓаат место во поземските приказни кои ги третирам, а во моментов повторно работам на приказна која третира меѓучовечки односи, поточно односи во семејството.

Трн: Во филмот Преекспонирано ја ставивте фотографијата во фокусот. Секоја сцена носеше кадар со сопствена приказна на главните ликови. Колку е за вас важна фотографијата во фимот?

Елеонора: Секако дека фотографијата е можеби најглавниот елемент на филмот затоа што тоа е она што до одвојува од литературата, поезијата, музиката и слично. За мене фотографијата е важен дел, но само кога е во функција на приказната, односно секогаш бирам визуелен пристап кој најмногу одговара на она што сакам да го истражувам. Во „Преекспонирано“ фотографијата има и поинаква улога, не е само алатка туку е и тема на истражување и оттаму одбрав таков стил на снимање на филмот кој наликува на моменти како да разгледувате фото албум од минатото.

Трн: Една реплика од овој филм „кои работи се неискажани помеѓу нас“ останува кај гледачот долго време откако ќе заврши филмот. Колку беше предизвик да се направи дијалог и за работите кои никогаш не се кажуваат?

Елеонора: Па ова беше впрочем најтешкиот дел од пишувањето на сценариото. Цело време си го поставував прашањето – за што зборуваат луѓето кои избегунуваат да зборуваат за своите чувства и за она што ги мачи? Оттаму дијалозите за фотографија и говор за тело се своевидно покритие да не се зборува за многу посуштински работи кои тлеат под површината. Фасцинантно е како ние луѓето сме способни да кажеме многу работи кои не мачат додека зборуваме за навидум тривијални нешта, но потребно е и некој да не чуе и тоа да го препознае бидејќи самите ретко кога сме свесни на тоа, и токму тоа се случува во филмот.

Трн: Краткиот филм Прошетка по неколку светски премиери, во мај беше прикажан и пред светската публика. И со овој филм отворивте многу предизвици. Еден од нив беше да се смести дејството во еден кадар. Колку работа упорност истрајност и труд требаше за да се дојде до тој еден кадар?

Елеонора: Работевме истрајно и дисциплинирано во период на неколку месеци. Со младата глумица Надиа минавме неколку недели во кои секој викенд го пробувавме дијалогот, но и дејствието и мизансценот, а потоа ни се придружи Билјана Драгичевиќ Пројковска. Тоа што беше лесно во целата работа е што имав одлични кооперативни глумици кои беа подготвени да работат напорно и да доаѓаат на проби, што е ретко практика за кратки филмови, ако се имаат предвид ограничувањата на ниските буџети. Понатаму работата со кинематограферот Фејми Даут исто така подразбираше многу проби и планирања на локација, за на крај сето тоа да се спои во еден непрекинат кадар во нашиот 95-ти обид.

Трн: Филмот е дел од вашата трилогија за смртта, но овој пат смртта е лик кој го запознаваме преку дијалог со дете. Зошто дете?

Елеонора: Децата се невини, исрени и гледаат многу почисто на светот и на луѓето. Со оглед на тоа што Смртта е омразена меѓу возрасните, а таа само си ја работи својата работа, сакав да има интеракција со дете и низ таа интеракција и таа малку да се очовечи, затоа што детето нема да ја гледа со предрасуди и страв како што тоа го прават возрасните.

Трн: Во последните години во македонската кинематографија се појавија неколку жени со успешни филмски проекти. Дали конечно жените го добија своето место во домашната кинематографија?

Елеонора: Да, она што се случува во нашата кинематографија е своевиден феномен за кој често коментираат колегите и селекторите од соседните земји. Мислам дека во тој поглед сме еден светол пример на Балканот, но се уште треба да се работи на зголемување на буџетите затоа што ми се чини дека ако направите анализа ќе забележите дека жените режисерки добиваат нешто пониски буџети од машките колеги, што секако делумно се должи на изборот на приказни кои ги раскажуваме кои се можеби поинтимни и помалку захтевни продукциски, но секако има и дел на еден несвесен рефлекс дека може и треба да правиме филмови со помали буџети.

Трн: Што донесоа жените во македонската кинематографија во овој бран?

Елеонора: Мислам дека донесовме нов поглед на светот, на нашето општество, но пред се на жената во нашето општество. Претходно имавме жени само во одредени типични улоги, на мајки или љуовници, најчесто во функција на некој маж, а во филмовите режирани од жени има женски ликови кои се сами за себе доволни и кои се бават со проблеми и ситуации кои не се сведуваат само на нивната улога како мајки, сестри, сопруги и слично, туку имаат автентично постоење и проблеми кои излегуваат од рамките на домот и традиционалните родови улоги. Ова е доста суптилна промена која можеби не е забележителна на прв план, но верувам дека е препознатлива за оние што гледаат повнимателно. 

Трн: Имате ли фаворит свој на Фестивалот?

Елеонора: Уште ги немам изгледано филмовите кои се во конкурениција, со исклучок на неколку, така што ќе почекам прво да ги изгледам.

Трн: И за крај, Галичник е сам по себе магичен. Кога на сето тоа ќе се додаде филмско платно се добива еден неверојатен филмски сет. Како вие како режисер го гледате овој „фестивалски сет“ во Галичник на кој се прикажуваат Прееспонирано и Прошетка?

Елеонора: Како што кажав и претходно, магијата која ја има во Галичник е навистина единствена и искуството да гледате филм таму е нешто што се памети зошто ретко се организираат фестивали на такви локации. Се случува своевиден спој на убавината на природата и убавината на светот кој се прикажува во филмовите кои се проектираат и на крај резултатот е едно доживување кое истовремено го храни и духот и телото.

- Реклама -