ЗНАМ е еднаков партнер во власта, „Вреди“ грешат ако мислат дека нивните гестови ќе иницираат дестабилизација на Владата – вели Димитриевски

Постапките на „Вреди“, како истакнувањето на албанското знаме на координативен состанок во Владата и најавите за формирање на Албанска академија на науки и уметностите, за лидерот на ЗНАМ претставува постизборен маркетинг што тие се обидуваат да го продадат на својот електорат

ЗНАМ е значителен, подеднаков партнер во власта, за што имаме разговарано со ВМРО-ДПМНЕ и со кои ги имаме изедначено идеолошките разлики и дадовме поддршка за владината програма, рече лидерот на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, во гостување на ТВ Канал 5.

Во однос на повторното истакнување на албанското знаме со иста големина како македонското на координативен состанок во Владата помеѓу чинителите во власта од редовите на „Вреди“, тој вели дека лично смета оти е време Македонија да работи во интерес на граѓаните и дека доколку колегите од „Вреди“ мислат дека со вакви гестови ќе иницираат дестабилизација на Владата или, пак, ќе предизвикаат излегување на ЗНАМ – грешат.

„Во овој случај истакнување на знамето на етничките заедници воопшто не ми пречи, но точно е пропишано како се истакнува и каде. Во овој момент тоа се прави во Владата и мислам дека следниот потег ќе биде да се разговара на седница на Владата за ова прашање. Ако продолжи самоиницијативата од нивна страна, ако сте самовластие, тогаш не ви е место во Владата, бидејќи вие како власт треба да покажете на граѓаните како се почитуваат законите“,

изјави Димитриевски.

Тој овие постапки на „Вреди“ ги нарече постизборен маркетинг што тие сега се обидуваат да го продадат на својот електорат и да се прават „поголеми католици од папата“, но потенцира дека постојат закони и институции кои треба да постапуваат кога законите се кршат.

Во однос на тоа колку е стабилна коалицијата и дали таа ќе биде одржлива на долг рок, тој вели дека со „Вреди“ немаат преписки, туку различни ставови и дополни дека доколку тие продолжат по овој пат, ќе направат круцијална грешка.

„Тоа е губење на поддршката од граѓаните на следните локални избори. ‘Вреди’ треба да се насочи на економија, на реформски процеси, на функционалност на државата, на нешто сосема спротивно од тоа што го правеа нивните претходници од редовите на ДУИ“,

изјави лидерот на ЗНАМ.

Кога станува збор за Албанската академија на науки и уметности, тој рече дека тоа не е дел од владината програма и повтори дека за ЗНАМ единствено прифатливо е постоењето на една институција, а тоа е МАНУ, која согласно законот ја има целата надлежност во делот на следење, развојот на науката и сите останати атрибути кои доаѓаат со тоа.

„За мене и за целото раководстово на ЗНАМ апсолутно оваа иницијатива е не прифатлива и ние никогаш нема да поддржиме иницијатива за формирање на паралелна Академија на науки и уметности, затоа што го имаме МАНУ, а таму имаме заеднички содржател за сите. Науката не познава ниту верска, ниту етничка припадност, познава само труд, квалитет, работа, посветеност и многу тешко се влегува таму“,

рече претседателот на ЗНАМ. 

- Реклама -