Нетанјаху: Израел силно ќе одговори на секоја агресија

Нетанјаху истакна дека Израел им нанел тешки удари на проиранските милитантни групи во изминатите неколку дена, вклучувајќи ги Хамас и Хезболах. Сепак, тој не го спомна убиството на Ханије, што предизвика закани за одмазда

Израел ќе одговори силно на секој напад, изјави денеска премиерот Бенјамин Нетанјаху по атентатот на лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, во Техеран, и на висок лидер на Хезболах во Бејрут, Фуад Шукр.

„Граѓани на Израел, пред нас се тешки денови. По нападот во Бејрут, заканите доаѓаат од сите страни. Подготвени сме на секое сценарио и заедно ќе се соочиме со секоја закана. Израел силно ќе одговори на секоја агресија“,

рече Нетанјаху во телевизиска изјава.

Нетанјаху истакна дека Израел им нанел тешки удари на проиранските милитантни групи во изминатите неколку дена, вклучувајќи ги Хамас и Хезболах. Сепак, тој не го спомна убиството на Ханије, што предизвика закани за одмазда.

Иако се верува дека нападот врз Ханије го извршил Израел, владата во Ерусалим не ја презеде одговорноста и соопшти дека нема да коментира за неговото убиство.

Во меѓувреме, заменик-лидерот на Хамас во Газа, Калил Ал-Хаја, рече дека Ханије бил погоден „директно“ од проектилот.

Шефот на ОН: Ова е опасна ескалација

„Како резултат на ракетниот напад, уништени се прозорците, вратите и ѕидовите во неговата соба“,

рече Ал Хаја на прес-конференција во Техеран, цитирајќи сведоци кои биле со Ханије во Иран.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, верува дека нападите во Бејрут и во Техеран оваа недела означуваат „опасна ескалација“ на конфликтот на Блискиот Исток, изјави денеска неговиот портпарол.

„Станува сè појасно… дека самото задржување не е доволно во овој исклучително чувствителен момент. Генералниот секретар ги повикува сите да работат на регионална деескалација во интерес на долгорочниот мир и стабилност за сите“,

се наведува во изјавата на портпаролот Стефан Дужарик.

- Реклама -