Минчев се надева дека платите на административците ќе може да се зголемат од идниот државен буџет

Катастрофалната состојба во која се наоѓа актуелниот буџет е причината според која министерот за јавна администрација вели дека во моментов не може да се зголемат платите, но се надева на компромисно решение со синдикатите тоа да се направи во иднина

Имав состаноци со повеќе синдикати за прашањето за повисоки плати и можам да кажам дека можеби не во ребалансот на овој буџет, кој се наоѓа во катастрофална состојба, но веќе во рамки на средствата кои се предвидени за идниот буџет се надевам дека ќе може да дојдеме до компромис за зголемување на платите во јавниот сектор, вели министерот Минчев.

Според него, власта во следниот период ќе отвори дебата во која законското решение за зголемување на платите на административците ќе биде едно од главните прашања за кои сериозно ќе се разговара.

„Не би можел во овој момент да шпекулирам, кога сме на почетокот на дебатата, но секако ќе имаме можности да разговараме, да нудиме наши решенија, синдикатите да нудат нивни решенија и ако го отвориме овој дијалог, впрочем тоа е и целта –да најдеме некое заедничко решение“,

рече Минчев.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, побара од Владата да предвиди средства во буџетот за зголемување на платите и рече дека очекува министрите да го потврдат усогласувањето на платите од септември, но и зголемувањето на платите кое би требало да следи во наредната година согласно колективниот договор за јавниот сектор.

„Платите во јавниот сектор ќе растат по 15 проценти годишно во текот на наредните четири години и новата влада треба да предвиди пари во буџетот, без изговори. Очекуваме зајакнување на капацитетите, да престане злоупотребата на вработените во јавниот сектор и да не се вработуваат партиски кадри. Во овој случај ќе ја имаат нашата поддршка“,

кажа Трендафилов.

На тема минимални плати, изјава имаше и премиерот Христијан Мицкоски, кој кажа дека жали оти дел од раководствата на синдикалните организации се обидуваат да бидат политичари или слуги на опозициски политичари и партии, а не да работат во интересот на работниците и дека тој ќе се бори работниците даимаат работа, но и дека покачувањето е регулирано со закон.

„ А октроирани со фалсификувани документи лидери на синдикални организации, коишто се политички инструмент на опозициски партии, коишто се сликаа најчесто пред 1 Мај, а ништо не испорачуваа за работниците, жалам, можам да изразам жалење што тие дозволиле да бидат вклучени во еден таков процес и ги замолувам во името на позицијата којашто ја држат таква каква што ја држат, на начин како што ја држат, да внимаваат затоа што ние сме нивен партнер, на работниците. Сакаме да имаме среќни и богати работници“,

изјави Мицкоски.

- Реклама -