Состојбата од аспект на технички услови и кадар за справувањето со пожарите е многу лоша, вели Тошковски

Оперативната акција „Пожар 2024“ е веќе отворена, а досега се пронајдени, лоцирани и уапсени повеќе лица кои се поврзуваат со конкретни пожари од изминатиот период, информираше министерот за внатрешни работи

Состојбата која ја наследивме од претходната власт во однос на технички услови, кадар, системска поврзаност, начин на откривање и соодветно реагирање на пожарите е многу лоша, но факт е и дека даваме се од себе си и дека сме максимално посветени на целосно справување со ситуацијата со пожарите во земјава, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Тој вели дека најчесто човечкиот фактор е причина за предизвикување на пожарите и дека оперативната акција „Пожар 2024“ за справување со пожарите е веќе отворена, при што се уапсени неколку лица кои се директно поврзани со одредени настанати пожари, а додаде и дека министерството жестоко ќе реагира доколку во иднина успее да процесуира лица за кои ќе се обезбедат докази дека предизвикале пожар.

„Пуштени се оперативни тимови на терен, сите началници на СВР се фокусирани на ова, гранична полиција е вклучена во рамки на оперативни обработки и теренско делување. Правиме се што можеме  да направиме за да ги лоцираме оние кои се директни виновници за предизвикување на пожарите, и соодветно да ги процесуираме пред органите на прогонот. Најчесто станува збор за човечки фактор којшто ги предизвикува пожарите“,

рече Тошковски.

СДСМ денеска го прозва министерот барајќи негова смена од Управувачкиот тим поради несоодветно справување со пожарите, на што тој возврати дека досега три пати бил на терен за одблиску да се информира за ситуацијата, воедно потенцирајќи дека тој лично не верува дека претходниот министер се занимавал со вакви прашања.

„Жално е кога еден министер за  внатрешни работи треба секогаш на оперативно ниво и на техничко ниво, микро да менаџира со сите оние проблеми кои ги тангираат граѓаните во една држава. Но нека не се секираат овој министер за внатрешн работи има доволно енергија и да биде присутен во рамки на пожарите, и да биде присутен на билатерална средба, и да биде со полицајците, и да биде со оние кои се на обука во рамки на полицијата и да биде сегде таму каде што е потребно“,

изјави министерот за внатрешни работи.

Тошковски информираше дека е ЕУ механизмот е повторно активиран и дека веќе Србија, Германија, Турција, Австрија и Унгарија позитивно одговориле на барањата за помош.

„Народот го гледа тоа и народот гледа дека Македонија е во една катастрофална состојба што е исто така факт. Но, притоа срам да им е на овие политички „добронамерници“ коишто обвинуваат дека некој друг е крив затоа што државата ја оставија на вакво дереџе да нема систем. Имаме недоволно екипирани пожарникари. Немам доволно возила, немаме гориво. Донесовме одлука за да се обезбеди гориво на ЈП „Национални шуми“ заради тоа што го оставиле претпријатието четири месеци без плата за вработените и без никаква соодветна опрема“,

заклучи Тошковски.

Претходно денеска од Министерството за внатрешни работи информираа дека вчера бил уапсен маж од радовишкото село Али Коч, осомничен дека подметнал пожари во близина на селото, кои зафатиле дабова шума. Осомничениот се товари за две кривични дела – предизвикување општа опасност и предизвикување шумски пожар. Според МВР, лицето во службен разговор со полицијата ги признало делата и е задржано во полициската станица во Радовиш.

Маж од Радовишко приведен поради подметнување пожари

Како што информираа денеска од Центарот за управување со кризи, вчера на територијата на државата имало вкупно 66 пожари на отворен простор од кои 12 сè уште се активни, три се под контрола, а 51 се изгаснати.

- Реклама -