Хајделберг Факултет во Скопје предводник на дуалното високо образование

Потребата од реформи во високото образование, широко ја отвори дебатата за воведување на дуалниот модел по примерот на германското високо образование, кој во Македонија се спроведува преку Хајделберг Факултет во Скопје.

Наместо страв од неминовните процеси наметнати од светските потреби на современиот пазар на труд, машинското учење и вештачката интелигенција, образованието и работниот процес мора да се адаптираат со цел проактивност, инвентивност и прогресивност како претпоставки за конкурентност и развој. Ова беше констатирано при гостувањето на директорката на Хајделберг Факултет во Скопје, м-р Љубица Крстевска во централниот Дневник на Телевизија 24, посветено на предностите на германската програма за дуално високо образование. Крстевска ја истакна како исклучително позитивна започната дебата за реформи во образовниот систем кои ќе го вклучат токму дуалниот модел на високо образование. Хајделберг Факултет во Скопје е предводник на концептот на дуално високо образование, како единствен факултет што спроведува додипломски студии по овој модел во Балканскиот регион, за кој модел веќе се водат сериозни дебати во земјите од овој регион.

Суштината на дуалниот образовен концепт во високото образование кој е нов во земјата, но во Германија се применува уште од 1971 година, се сведува на системски пристап што ќе овозможи хармонизација помеѓу теоријата и праксата. За разлика од досегашниот модел, кога праксата на студентите беше сведена на активност на која посветува мал дел од времето, Крстевска појасни дека во дуалниот модел платена пракса започнува буквално од првиот ден на студиите, и трае паралелно со теоретската настава во текот на целите додипломски студии. Притоа, компаниите во кои се спроведува праксата се сметаат за дуални партнери на Факултетот, и студентот секоја недела поминува по 3 дена на пракса во компанијата, каде што ги согледува и применува практичните аспекти на стекнатото теоретско знаење.

На прашањето кои се повеќекратните придобивки од дуалното високо образование, како најважни беа потенцирани наоѓањето млади таленти, нивно обликување во креативни идни вработени со изразен претприемачки дух, критичко и аналитичко размислување, проактивност и организациска визија.

Стекнувањето на германска диплома по завршување на додипломските студии на Хајделберг Факултет во Скопје, покрај македонската, е потврда за квалитетни студии, согласно заедничка наставна програма со партнерскиот универзитет од Франкфурт, СР Германија во сферата на Податоци и компјутерски науки и Бизнис администрација.

Дебатата за реформи во високото образование во Македонија треба да понуди стратешки и системски пристап со цел прогресивно и иновативно образование во чекор со бизнис заедницата. Во таа насока, беше констатирано дека е потребно дуално високо образование кое ќе ги земе предвид позитивните резултати што со години ги дава германскиот дуален концепт.

Хајделберг Факултет во Скопје

- Реклама -