Сајбер напад од Северна Македонија го запрел пребројувањето гласови на изборите во Венецуела

Информација за вмешувањето од Северна Македонија ја сподели и актуелниот претседател Николас Мадуро кој изјави дека тамошните власти точно знаат од каде е дојден нападот бидејќи хакерите оставиле трага. Според податоците од независните излезни анкети направени врз основа на искази на гласачи, наводниот хакериски напад од Северна Македонија е параван со кој се бара начин за да се спречи победата на опозицискиот кандидат Едмундо Гонзалес

Опозициските лидери и странските набљудувачи ги повикаат властите во Венецуела да ги објават деталите за изборни резултати кои според сите предизборни истражување на јавното мислење се неверојатни. Националната изборна комисија на Венецуела објави дека претседателот Николас Мадуро освоил трет мандат со 51% од гласовите, но без да презентира официјални податоци.

Оправдувањето за отсуството на податоци се бара во Северна Македонија. Државниот обвинител на Венецуела Тарек Саб информира дека од ај-пи адреси во Северна Македонија е извршен кибер-напад врз електронскиот систем кој го забавил пребројувањето на гласовите на претседателските избори.

Принтскрин од венецуалскиот дневниот весник Примиција

Истата информација ја сподели и актуелниот претседател Николас Мадуро кој изјави дека пребројувањето на гласовите и објавувањето на резултатите доцни поради сајбер напад, истакнувајќи дека тамошните власти знаат од каде е дојден бидејќи хакерите оставиле трага.

Изборната комисија на Венецуела по шест часа од изборите ги објави прелиминарните резултатите врз основа на обработени 80 отсто избирачки места. Според нив, актуелниот венецуелски претседател Николас Мадуро освоил 51,2 отсто од гласовите и победил на претседателските избори, со што обезбедил трет мандат, а неговиот противкандидат, опозицискиот претставник Едмундо Гонзалес Урутија, има добиено 44,2 отсто од гласовите.

И покрај тврдењата дека се случил сајбер напад, Мадуро чија политичка номенклатура е веќе 25 години на власт, истакна дека изборниот систем на Венецуела е транспарентен, а неговата победа израз на „почит кон суверениот живот на Венецуела и волјата на народот“.

Опозицијата најави дека ќе ги оспори резултатите бидејќи ниту една од предизборните, ниту од излезните анкети давала шанса Мадуро да ја задржи позицијата, туку податоците укажувале на убедлив триумф на нивниот кандидат Едмундо Гонзалес Урутија.

Според податоците од независните излезни анкети направени врз основа на искази на гласачи, наводниот хакериски напад од Северна Македонија е параван со кој се бара начин за да се спречи победата на Гонзалес. Според излезната анкета на реномираната Едисон Рисрч, Гонзалес освоил 65% од гласовите, додека Мадуро има поддршка од 31% од гласачите. Извршниот потпретседател на Едисон, Роб Фарбман, во изјава за Ројтерс рекол дека официјалните резулатите се апсурдни, а опозицијата пак тврди дека нивниот фаворит има и повеќе гласови од тоа што го покажуваат анкетите, односно ја добил довербата на над 70% од избирачите.

Илустрација на изборните резултати според податоците на опозицијата

„Резултатите не можат да се сокријат. Земјата мирно избра промени. Нема да се повлечеме се додека не биде испочитувана волјата на граѓаните на Венецуела. Властите мора да ја почитуваат волјата изразена на гласачките места. Во нашите раце се записниците од избирачките места кои го демонстрираат нашиот категоричен и математички неповратен триумф. Желбата за промени е недвосмислена“,

изјави опозицискиот кандидат Гонзалес.

Меѓународната заедница остро реагираше на случувањата во Венецуела. Министерството за надворешни работи на Бразил, земјата која лани ги обнови дипломатските односи со Венецуела, соопшти дека објавувањето на точните податоци за бројот на освоени гласови е „неопходно” за „транспарентноста, кредибилноста и легитимноста на изборните резултати”. Според високи претставници на американските власти, „со репресија врз гласачите и изборни манипулации, и со предвременото прогласување победник без официјлани резултати од гласањето, изборот на Мадуро би бил без каква било кредибилност”.

- Реклама -