Постојат неофицијални информации дека во операционите сали е пронајдена мала концентрација на формалдехид, вели Таравари

Министерот за здравство вели дека е потребно да се почека за да се добие потврда и дека сите информации шти ги има во моментов се неофицијални

Постојат одредени информации дека во операционите сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје е пронајдена мала концентрација на формалдехид, но сѐ уште немаме добиено ништо официјално, рече министерот за здравство Арбен Таравари. Дополнително, вели, веќе се работи на нова набавка за комплетно нова компресорска станица и комплетно нова инсталација, со што се надева дека овој проблем ќе се реши што е можно поскоро оти ваквите ситуации создаваат несигурност кај пациентите што ги користат здравствените услуги.

„Што и да ви кажам ќе биде неформално, неточно, несигурно. Причекајте, ние сме транспарентни, сето тоа што го добиваме го споделуваме со јавноста и со новинарите“,

кажа Таравари.

Во моментот Таравари вели дека функционираат повеќе од половина хируршки сали во Клиничкиот центар и дека во текот на летово ќе се менаџира состојбата со операционите сали во Градската болница „Св. Наум Охридски“ и „8 Септември“.

Инаку, централниот систем за кислород и компримиран воздух во хируршките сали во Клиничкиот центар е надвор од функција од 18 мај поради непријатниот мирис кој се ширел од него. Веќе на 1 јуни беше распишан тендер од страна на Министерството за здравство за набавка на нова компресорска станица, но тој пропадна бидејќи до адресата на Министерството не пристигна ниту една понуда.

Тогаш Таравари изрази надеж дека проблемот би можел да се реши до крајот на декември годинава, кога компресорите би биле ставени во функција.

„Полека се наоѓа решение за проблемот со хируршките сали на Клиничкиот центар. Веќе е објавен тендер за компресорите кои не работат. Максимум времето до кога треба да се поправи и да се завршат и да се вратат во функција се надевам дека ќе биде крајот на декември. Во меѓувреме ќе инсистираме доколку може што поскоро да заврши да бидат функционални салите на Хирургија во Клиничкиот центар“,

рече Таравари.

- Реклама -